Кинески експерт воодушевен од авионот Су-57

sukhoi. org/Global Look Press
Русија со тестирањето на беспилотниот режим на летање на Су-57 направи голем продор во развојот на ловецот од петтата генерација, пишува експертот.

Авторот на кинескиот портал Sohu потсетува дека авионите на американското воено воздухопловство во последно време откажуваат еден по друг.

„Кога се урна ловецот F-22, тогаш од главниот непријател САД, напротив, стигнаа добри вести. <…> Су-57 стана првиот воен авион од петтата генерација кој има можности карактеристични за ловците од шестата генерација“, се вели во публикацијата.

Новинарот пишува дека најважните карактеристики на ловците од шестата генерација ќе бидат можноста за беспилотно управување и способноста на вештачката интелигенција да води борба. Тие квалитети ќе придонесат за поголема мобилност на авионите, а сега таа е ограничена со оптоварувањето што пилотот може да го поднесе.  

„Сите ловци кои во овој момент постојат на светот можат да изведуваат маневри со максимално оптоварување од 9G, зашто во спротивно пилотот може да изгуби свест и способност за борба“, се прецизира во статијата.

Авторот истовремено истакнува дека сегашното тестирање на беспилотни технологии на Су-57 се однесувало на едноставни операции, т.е. полетување, слетување и летање во обичен режим, додека пилотот се наоѓал во кабината и можел во секој момент да го преземе управувањето со авионот. Таквиот систем може само да го ублажи напорот што пилотот го вложува во текот на летот.

Според мислењето на кинескиот експерт, Американците засега не се премногу загрижени поради достигнувањата на руските конструктори, но успешното тестирање на автономниот режим всушност е сигнал до другите земји дека пилотот може да биде поштеден од одделни задачи, како што се полетување, слетување или точење гориво во воздух.  

„Примената на вештачка интелигенција во управувањето со борбените авиони веќе стана историска тенденција“, истакнува авторот.  

Тој ја повикува Кина и таа да ја развива оваа технологија во своите авиони-ловци.

Су-57 е руски ловец од петтата генерација, наменет за уништување на сите видови цели во воздух, на копно и на вода. Првпат полета 2010 година. Спојот на високи маневарски можности и можности за летање со суперсонична брзина, современата опрема и слабата забележливост се карактеристики според кои Су-57 е во предност во однос на конкуренцијата.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња