Ова за руските медиуми го соопшти првиот човек на корпорацијата Борис Обносов. Тој рече дека работата над проектите за развој на нова генерација муниција наменета за вооружување на ударно-извидувачкиот дрон „Охотник“ се одвива со полн интензитет. Целата активност се реализира во тесна соработка со производителите на ова летало. Засега нема податоци за конкретните називи на овие проекти, како и за некои основни тактичко-технички параметри на муницијата.
С-70 „Охотник“ според процените ќе достигнува маса до 25 тони, што е, на пример, двојно повеќе од тактичкиот ловец од четвртата генерација МиГ-29. Ќе лета со суперсонична брзина (околу 1400 км/ч), додека неговата крстосувачка брзина ќе биде во границата на високата супсонична брзина која ќе се движи во вредноста од околу 1,000 км/ч. С-70 ќе може да прелета околу 5000 км и достигне висина (плафон на лет) од преку 10000 метри. Оттаму со високопрецизно оружје ќе може да уништува непријателски копнени цели и да врши операции на воздушно извидување. Претпоставката е дека „Охотник“ ќе може да понесе средна до голема количина убоен товар која се движи во опсег од 2-8 тони.
Минатата година руското беспилотно летало „Охотник“ успешно ги реализираше експерименталните летови без оглед на времето на денот или временските услови. Тоа ќе има способност да дејствува потполно самостојно или во координација со авионите-ловци од петта генерација Су-57, како и со останатите летала со слична намена.
Дронот е конструиран според технологија која ќе му обезбеди мала радарска рефлексивност-видливост. Основната конструкторска база за изработка на ова летало е концепцијата на тнр. „летачко крило“. Убојното вооружување ќе го носи во внатрешните борбени спремници, слично како кај ловците од 5 генерација. Корпусот на беспилотниот апарат ќе биде направен од композитни материјали.
1 Американските воени експерти се согласни дека рускиот С-70 „Охотник“ ќе може да се спари со авионите-ловци Су-57. Нивната тактичка формација би можела да се состои од 2-3 летала (комбинација 1 Су-57+ 2 С-70). Имено, пилотот на ловецот Су-57 би имал контрола над своите „помошници“, кои би ги праќал во високоризична зона на воздушниот простор. Тие би имале задача да отворат „бреша“ во непријателската одбрана и да го примат првиот удар врз себе, што во голема мера би ги олеснило дејствата на ловечката авијација.