Американците за „Охотник“: Ќе носи нуклеарно оружје, а ова му се слабите точки (АНАЛИЗА)

Извор на фотографијата: Интернет-портал Бог-рата (mars.online)
„Охотник“ претставува тешко ударно беспилотно летало кое е направено според аеродинамична шема „летачко крило“. Во стручната воена литература ова летало се дефинира и како тежок „нападно-извидувачки беспилотен апарат“. Значи, С-70 претставува беспилотно летало со мала радарска рефлективност кое може да изведува смртоносни напади, да реализира извидувачки задачи, а исто така и да води противелектронска борба.

Рускиот ударен дрон С-70 „Охотник“ однадвор изгледа мошне ветувачки и сериозно потсетува на американските „невидливи“ дронови. Меѓутоа, на руското перспективно летало му е неопходно исклучително важно технолошко унапредување за да стане „невидливо“, како што е тоа случај со неговите американски аналози, пренесува Интернет-порталот Marsonline.

Пред неколку месеци, поточно на 7 август 2019 година, руското Министерство за одбрана објави видео на кое се гледа првото полетување на новиот возухопловен проект. Станува збор за перспективното беспилотно летало „Охотник“ (мак. Ловец) , што се реализираше пет дена пред официјалното објавување на видеоматеријалот. На него можеше да се види летало кое има специфичен аеродинамичен дизајн, кој технички се нарекува конструкција „летачко крило“. Неговиот лет траеше околу 20 минути. За време на својот прв лет „Охотник“ се движеше на височина од околу 600 метри, о потоа изврши стабилно слетување. Сето ова беше реализирано во воздухопловниот центар за тестирање кој се наоѓа во Астрахањската област.

„Охотник“ претставува тешко ударно беспилотно летало кое е направено според аеродинамична шема „летачко крило“. Во стручната воена литература ова летало се дефинира и како тежок „нападно-извидувачки беспилотен апарат“. Значи, С-70 претставува беспилотно летало со мала радарска рефлективност кое може да изведува смртоносни напади, да реализира извидувачки задачи, а исто така и да води противелектронска борба.

Иако неговиот развој започна во дамнешната 2011 година, јавноста за првпат можеше да се запознае со него минатата година и тоа баш во ова време. Тогаш леталото се појави на полетно-летната писта на еден аеродром во Новосибирск.

Неколку месеци потоа „Охотник“ повторно беше фотографиран на пистата на воздухопловниот центар за тестирање „Чкалов“ на кој стаса и самиот претседател Владимир Путин. Иако во тој момент изјавата на претседателот беше фокусирана на одличните „стелтни“ карактеристики на повеќенаменскиот ловец Су-57 кој во меѓувреме беше пуштен во сериско производство, тој се осврна и на беспилотното летало С-70.

Доколку се земат предвид фотографиите од извидувачките сателити што го снимија ова беспилотно летало, основен заклучок е дека станува збор за прилично големо летало со распон на крилата од најмалку 19 метри. Како репер во оваа пригода послужи ловечкиот авион од четвртата генерација Су-27 кој се наоѓаше во непосредна близина на апаратот. Како што наведе Интернет-порталот Jane's, „Охотник“ е тежок околу 20 тони, и може да развие дозвучна брзина. Кога станува збор за внатрешните оддели, се претпоставува дека рускиот дон ќе има два „бомбалуци“ во самиот труп, во кои ќе можат да се сместат до 2 тони борбен или специјален товар. „Охотник“ ќе се одликува и со голем капацитет на гориво во своите резервоари, што ќе му овозможи долет и до 6 илјади километри. Ова летало има нерамномерна површина која е покриена со материјали што ги апсорбираат радарските зраци, што, пак, му овозможува да биде невидлив.

Целокупната конфигурација на леталото и самиот отсек кадешто се наоѓа моторот, во голема мера личи на една слична концепција што е применета на американскиот невидлив дрон RQ-170. Инаку, јавноста воопшто не знаеше за постоењето на овој дрон. Дури откако им падна во раце на Иранците, сите слушнаа за него. Со голема веројатност може да се процени дека американското беспилотно летало добро го проучиле и руските воени стручњаци.

Модел на тешкиот ударен дрон С-70 „Охотник“

Леталата што се направени според аеродинамичната концепција „летачко крило“, а кои немаат вертикални стабилизатори можат да бидат мошне нестабилни во текот на летот. Ова е особено изразено кога станува збор за беспилотните летала. Откако беа развиени и соодветните компјутеризирани електронско-далечински системи за управување кои автоматски ја неутрализираат оваа нестабилност, можеше да се премине на активна фаза на нивниот развој. На овој начин, првиот лет на перспективниот руски дрон послужи како демонстрација на исправноста на управувачките елементи кои ја сочинуваат основата на ова летало. Неодамна „Охотник“ изведе уште еден блок тестирања кои го опфаќаа неговото движење на писта, како и неколку полетувања и слетувања за увид во стабилноста на леталото.

Иако за време на тестирањето на леталото што се одржа на 2 август минатата година со „Охотник“ управуваше пилот, порталот Russia Beyond во својот текст нагласи „дека станува збор за летало кое е во целост роботизирано и дека дронот може самостојно да ги изведува своите операции“. Ова практично значи дека наместо оператор контролата над дронот ќе ја има управувачки комплекс кој е интегриран на леталото.

Станува збор за напредни системи за управување кои динамички ќе можат да реагираат на секоја измена на ситуацијата и до крај да ја реализираат поставената задача. Во тој случај на „Охотник“ не му е потребен канал за комуникација со пилотот кој во овој поглед не може да биде опструиран или хакиран со средства за противелектронска борба.

Меѓутоа, американските експерти сметаат дека самата разработка на автономниот систем за управување може да биде мошне посложен технички предизвик, од развојот на аеродинамичната конструкција на леталото која мора да биде „невидлива“.

Кога станува збор за борбената употреба на ударните беспилотни летала кои се движат со висока подзвучна брзина, најголеми тешкотии настануваат во комуникацијата, во системите за управување со летот и во компјутерските алгоритами. Ова особено се однесува на нивната употреба на големи далечини, каде е потребно да се одржат максимални барања кои се однесуваат на техничките и на тактичките аспекти на употребата на овие летала во воздушниот простор кој „ѕирка“ од непријателските ловечки авиони и од други опасности.

Треба да се земе предвид дека сепак не е случајно што првиот лет на „Охотник“ изведен на 2 август 2019 година. Имено, тој ден престана да важи Договорот за ликвидација на ракети со среден и мал дострел.

Администрацијата на Трамп причината за напуштање на овој договор ги најде во изговорот дека Русија ги прекршила клучните услови, така што поставила крстосувачки ракети со голем дострел на ракетниот систем „Искандер-М“, додека Москва во својот одговор се пожали на многуте американски беспилотни летала со голем дострел кои можат да се поистоветат со „крстосувачките ракети“, што спротивставува на Договорот.

Американските изведувачко-ударни беспилотни летала Риапир не претставуваат невидливи дронови. Но, Русија е загрижена дека „стелтните“ дронови од типот RQ-170 можат мошне лесно да се оспособат да изведат ненадејни борбени удари. Оттука фактот дека Русија повеќе не сакаше својот проект „Охотник“ да го држи во строга тајност. Таа на овој начин сакаше да му покаже на својот народ, но и на сите во светот, дека располага со адекватно средство кое на мошне ефикасен начин може да ги изведе истите, ако не и уште посериозни удари од американскиот аналог.

Но, според американските воени експерти, „Охотник“ сепак не е толку невидлив како што го фалат руските официјални лица. Според нив проблем може да направи турбомлазниот мотор АЛ-32Ф (или АЛ-41Ф) кој е интегриран и на повеќенаменскиот ловец од петтата генерација Су-57. Американските стручњаци сметаат дека овој мотор не е адекватен за леталата кои треба да се наречат „невидливи“. Кога станува збор за „Охотник“, негова слаба точка е токму делот околу површината на опашката и местата каде се наоѓа млазницата на моторот.

Иако овој „недостаток“ е сличен и кај ловците од петтата генерација Су-57, тој сепак повеќе ги оптоварува дроновите од типот „Охотник“ поради специфичноста на задачата која е поставена пред него. Имено, ова летало е наменето за длабок продор во воздушниот простор на противникот, каде на тој пат мораат да избегнат маса воздушни, поморски и земски радарски станици, ловечко-пресретнувачки групи итн. За разлика од ловецот Су-57 кој благодарение на своите исклучително летно-технички способности може да прифати борба во воздух, па и безбедно да се извлече од неа, во случајот со детекцијата на „Охотник“ тоа не би било можно.

Беспилотното летало С-70 „Охотник“ го изведе својот прв лет заедно со ловецот од петтата генерација Су-57

Носивоста на борбениот товар кај „Охотник“ која нема да надминува 2 тони исто така не може да се смета за претерано голем капацитет. Според мислењето на американските воени експерти ова ограничување ќе биде искористено за носење крстосувачки ракети со нуклеарни боеви глави или тактички високопрецизни авионски бомби со огромна разорна моќ, кои ќе гарантираат уништување на нападнатиот објект. Неговата бомбардерска способност ќе може да се спореди со поранешниот американски стелтен бомбардер Ф-117 кој во својот труп носи само две ласерски наведувачки авионски бомби за изведување високопрецизни удари по земски цели.

Американските воени експерти нагласија дека рускиот С-70 „Охотник“ ќе може да оди во двојка со ловечките авиони Су-57. Неговата тактичка формација би можела да биде составена од 2-3 летала (комбинација 1 Су-57 + 2 С-70). Имено, пилотот на ловецот Су-57 би имал контрола над своите „помошници“ кои би ги испраќал во високоризична зона на воздушниот простор. Тие би имале задача да отворат „бреша“ во непријателската одбрана и да го примат првиот удар врз себе, што во голема мера би ги олеснило дејствата на ловечката авијација.

Иако руските медиуми се фокусираа на ударните способности на „Охотник“, не треба да се заборави дека на неговата платформа можат да се интегрираат и средства за електронска борба, како и радари. Во верзијата на леталото за противелектронска борба овие дронови можат да одиграат мошне опасна улога, зашто нивниот продор во длабочината на непријателскиот воздушен простор имаа голема шанса да реализираат операции на тешко попречување на радарскиот капацитет на противникот. На овој начин во огромна мера би ја парализирале одбраната на условниот непријател и би отвориле пат за крстосувачките ракети и за ловечко-бомбардерските групи да ги уништат виталните потенцијали.

Ефикасноста на „Охотник“ кога станува збор за мисијата на длабок продор во воздушниот простор што го контролира технички напреден непријател, во голема мера ќе зависи од руските конструктори кои ќе мора да најдат подобро решение за конфигурација на моторот на ова летало. Но, доколку ова летало остане и на сегашниот стадиум на развојот, тоа може да им помогне на руските воздушни сили и на армијата во целина за време на изведувањето извидувачки и бомбардерски операции на оддалечени подрачја. Една бод мисиите која е идеална за ваквите летала е моменталната руска воздушна операција во Сирија.

Секако, успехот на проектот „Охотник“ во голема мера ќе зависи и од економските можности на Москва финансиски да го поднесе неговиот развој, како и идното сериско производство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња