Ефикасен и во услови на нуклеарен „армагедон“: Русите почнуваат со тестирање на нов мотор за ПАК ДА

Слободан Ѓукиќ
Комплетната реализација на оваа сложена работа ја презеде Обединетата корпорација за производство на авионски мотори ОАК. Основната база за тестирање на летовите ќе биде експерименталниот авион направен врз основа на транспортерот Ил-76. Перспективниот млазен мотор што ќе го напојува стратешкиот бомбардер од следната генерација ПАК ДА ќе може да издржи ударен бран на нуклеарна експлозија.

Тестирањето на перспективниот мотор за рускиот стратешки бомбардер од следната генерација ПАК ДА ќе започне годинава, истакна новинската агенција „Интерфакс“, повикувајќи се на добро информиран извор од руската воена индустрија.

„Блокот тестирања на земја на новиот мотор ќе започне кон крајот на оваа година, со тоа што реализацијата на воведниот дел од тестирањата треба да заврши до крајот на следната година. Потоа ќе се прејдеме на фазата на тестирање во воздух. Веќе потпишавме договор за надградба на летечката лабораторија за тестирање на овој мотор која се наоѓа на база на воено-транспортен авион Ил-76“, рече неименуван извор за новинарите на оваа информативна агенција.

Во меѓувреме се дознаа и основните тактичко-технички карактеристики на перспективниот мотор за стратешкиот бомбардер од следната генерација ПАК ДА што го развива Обединетата корпорација за производство на авионски мотори ОАК. Целиот склоп на моторот ќе може да издржи ударен бран на нуклеарна експлозија. Моторот ќе биде функционален во температурен опсег од -50 до +60 степени Целзиусови и ќе обезбеди континуиран лет во траење од 30 часа. Неговиот употребен ресурс ќе биде ограничен на 12 години, со можност за продолжување на неговиот животен век (генерален ремонт и модернизација) на 21 година. Потисната сила на моторот ќе изнесува 23 тони.

Стратешкиот бомбардер од следната генерација ПАК ДА на среднорочен план треба да ја замени постојната флота од бомбардери Ту-22М, Ту-95 и Ту-160. ПАК ДА  е проектиран врз основа на аеродинамична шема „летачко крило“ со максимална употреба на стелт-технологија, која ќе му овозможи да биде невидлив за непријателските радари. Станува збор за субсонично летало, со основна задача да го внесе авионот во простор од каде безбедно ќе се лансира ракета која ќе поседува елементи на вештачка интелигенција. Во зависност од тактичката ситуација, ракетата за време на летот самостојно ќе го одредува својот правец и формата на маршрутата до дестинацијата. Исто така, овој авион ќе може и самостојно да се штити бидејќи во вооружувањето ќе има цел арсенал тактички воздухопловни ракети од класата „воздух-воздух“, што ќе му овозможи му ефикасна борба со непријателските ловци на средни и долги далечини.

Прочитајте повеќе: Кои авиони се наоѓаат на листата на најопасните руски бомбардери?

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња