Американците за авионот ПАК ДА: Рускиот „дух“ ќе носи „паметни“ ракети со дострел од 7000 километри

Youtube
Руското Министерство за одбрана е решено да направи стратешки бомбардер од нова генерација. Овој модел, кој го носи проектното име ПАК ДА, треба да полета кон средината на следната деценија, пишува американскиот интернет-портал „Национален Интерес“ (The National Interest).

Еден од највпечатливите податоци поврзани со авионот ПАК ДА е брзината на неговиот развој и усвојувањето во оперативното вооружување на руската армија. Имено, руските проекции се такви што во периодот 2021-2022 година се очекува да се комплетира првиот прототип на овој авион, а веќе во 2025-2026 година неговиот прв лет. Од 2028 година се очекува почеток на неговото сериско производство и усвојување во вооружувањето, соопштува интернет-порталот „Росијскаја газета“.

Се напоменува дека се работи за потполно нов проект, во кој ќе се применуваат нови концептуални решенија. Особено внимание ќе се посвети на достигнувањето исклучително ниска радарска видливост на леталото, потоа на подобрената управливост и проширените борбени можности. Главниот приоритет ќе биде радарската невидливост, а не неговата максимална брзина, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.

Според информациите што ги објавува американското списание, новиот руски бомбардер во своето вооружување ќе има ракети способни да ја погодат својата цел на оддалеченост од 7000 километри. Овие ракети за време на својот лет ќе можат да ја анализираат воздушната и радарската ситуација, да ги менуваат првичните цели, да вршат автономна корекција на траекторијата заради избегнување на детектираните непријателски радари. Авторот смета дека овие ракети ќе бидат сместени во внатрешните прегради на авионот (внатре во неговиот труп).

„Национален Интерес“ прогнозира дека овој авион нема целосно да ги замени постојните суперсонични бомбардери Ту-160 и Ту-22М3, кои во моментов минуваат низ сериозна фаза на модернизација која значително ќе ги подобри нивните тактичко-технички карактеристики.

 „Може да се заклучи дека проектот на авионот ПАК ДА е наменет за унапредување на стратешката група нуклеарни воздухопловни сили на руската армија, особено кога станува збор за длабока пенетрација на непријателскиот систем за противвоздухопловна одбрана“, напоменува американскиот медиум.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња