Учесниците во стратешката командно-штапска вежба „Центар-2019“, што беше реализирана од 16-21 септември годинава, ги изведуваа своите дејствија врз основа на военото искуство стекнато во Сирија. Ова пред новинарите го кажа рускиот министер за одбрана, генерал на армија Сергеј Шојгу, по средбата со највисоките офицери на руската армија.
„Во текот на оваа вежба применивме нови форми на употреба на ангажираните сили, засновани на воените искуства од современите војни од локален карактер, вклучувајќи ја и операцијата во Сирија“, рече министерот Сергеј Шојгу, пренесува ТАСС.
Тој додаде дека во вежбата учествувале персоналот на Централниот воен округ, единиците на Касписката флотила која е дел од Јужниот воен округ, Воздушно-десантните сили, вклучително и стратешката и воено-транспортната авијација.
Притоа е тестирана нова формациска структура на единиците која ќе стане интегрален дел на Воздушно-десантните сили, конкретно преку ангажирање на самостојна десантно-јуришна бригада. „Овој состав стана дел од главната група за напад што е образувана од ангажираните сили. Ова овозможи ефикасно решавање на сите поставени задачи во дефинираните временски рамки“, рече министерот.
Тој исто така додаде дека на стратешката командно-штапска вежба „Центар-2019“, во полн формациски состав, беше успешно десантиран падобрански полк со повеќе од 200 единици вооружување и борбена техника. „Ова е постигнато благодарение на современите можности на воено-транспортната авијација. Во операцијата од вакви размери истовремено беа ангажирани 71 летало Ил-76“, рече Шојгу.
Министерот Шојгу потоа се осврна и на еден многу важен сегмент од вежбата, кој подразбираше употреба на повеќе различни единици од неколку земји кои ги испратија своите трупи во Русија. Шојгу оцени дека е остварена одлична координација помеѓу овие сили. Практично, врз основа на овие единици беше формирана противтерористичката коалициска група која ја претставуваа армиите на Русија, Кина, Индија, Пакистан, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан.
На стратешките командно-штапски вежби обединети под името „Центар-2019“ учествуваа околу 130 илјади војници со повеќе од 20 илјади единици вооружување и борбена техника, околу 600 летала, до 15 борбени и помошни бродови. Главните активности во рамките на оваа вежба од стратешки формат се одржаа на воените полигони Тоцкој, Донгуз, Аданак, Чебаркуљск, Јургински, Алејски, Ашулук, Сакафулево, како и водите на Каспиското Море.
Беше проверен уште еден многу важен елемент на оваа стратешка командно-штапска вежба, а тоа е способноста на големите борбени единици во исклучително тешки услови да применат нестандардни решенија во изведувањето на борбените дејствија.
„Сметам дека основната цел на вежбата е постигната во полн обем. Сите единици демонстрираа високо ниво на оспособеност. Нашите војници прикажаа способност да применат нестандардни решенија во сложени услови и да дејствуваат надвор од шаблоните“,нагласи рускиот министер за одбрана.
Тој потсети дека стекнатите искуства од оваа вежба ќе бидат искористени при планирањето и организирањето на идните настани од сличен формат кои ќе се одржат следната година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче