Научниците од Самарскиот универзитет пронајдоа ефикасен начин за борба против вселенскиот отпад. Овој систем, заснован на гравитациските ефекти, нема пандан во светот. Резултатите од истражувањето се објавени во списанието Actra Astronautica.
Геостационарната орбита е област на вселенскиот простор на висина од 36 илјади километри од Земјата, која се наоѓа точно над екваторот. Денес во геостационарната орбита, според податоците на научниците, има околу илјада неактивни вселенски објекти со вкупна маса од над 2,5 илјади тони.
Сателитите поставени во геостационарната орбита се движат околу планетата со аголна брзина на нејзиното вртење околу нејзината оска, т.е. фактички висат над одредена точка на Земјината површина. Повеќето телекомуникациски сателити се наоѓаат токму во оваа орбита.
„Моделот на тегнач-колектор што го осмисливме покажува дека во принцип може да се реши проблемот со вселенскиот отпад. Тежок сателит со мотори со мала моќност, делувајќи според принципот на гравитациска стапица, може да фаќа објекти и да ги отстранува од геостационерната орбита“, соопшти Владимир Асланов, шеф на катедрата за теоретска механика на Самарскиот универзитет.
Делувањето на Земјината тежа на висина на геостационарната орбита е релативно слабо и затоа доволно тешките објекти создаваат своја сфера на тежата, таканаречена Хилова сфера. Оптималниот ефект се постигнува во случај на тежина н а колекторот од околу 100 тони. Затоа научниците сметаат дека во иднина за оваа намена ќе послужат помалите астероиди.
Активниот колектор ќе се движи помеѓу геостационарната орбита и повисоките орбити. Според една од варијантите на овој модел, отпадот собран од сателитот може да се собира околу него и на тој начин да се зголемува корисната маса на колекторот, со самото тоа зголемувајќи ја силата на опфат на гравитационата сфера.
Во рамките на проектот се разработени сите фази на мисијата на орбиталниот чистач. Според раководителот на истражувањето Владимир Асланов, проектот на руските научници е единствен од ваков вид во светот, иако актуелноста на овој проблем е сѐ поголема.
Проектот се реализира со поддршка на Рускиот научен фонд. Истражувачката група штотуку преминува од физичкиот модел на конкретни инженерски пресметки.