Вселенскиот отпад – закана за Земјата

ESA
За двесте години вселенскиот отпад може да формира прстени околу Земјата како оние на Сатурн. Меѓународната вселенска станица (МВС) наскоро ќе се штити од вселенскиот отпад со помош на најсовремен ласерски топ. Но, научниците сметаат дека ваквата заштита не е доволна.

На Меѓународната вселенска станица (МВС) во 2017 година ќе започне да функционира опсерваторијата Extreme Universe Space Observatory, од која ќе се врши мониторинг на космичкиот отпад. Доколку овој проект биде успешен, научниците ќе конструираат ласерски топ. Се претпоставува дека тој би можел да го загрева и да го разбива опасниот вселенски отпад на далечина од сто километри, а потоа да го насочува кон земјата каде што другите поситни делови би согорувале во атмосферата. Проектот го иницираше јапонската дигитална астрофизичка лабораторија „Рилкен“.

Научниците сметаат дека ласерот е само една од можностите за „чистење“ на Земјината орбита. Русија до 2025 година планира да го конструира сателитот „Ликвидатор“, кој би служел како „чистач“ на отпадот, а во декември истата година треба да биде лансиран и сателитот „Ломоносов“, кој ќе го снима вселенскиот отпад.

Вселенскиот отпад лета со огромна брзина од околу осум километри во секунда. „Во последниве години овој проблем стана мошне актуелен, зашто се случуваше помали парчиња отпад да удрат во вселенските апарати, што предизвикуваше сериозни штети“, вели за „Руска реч“ Александар Железњаков, академик на Руската академија за космонаутика „Циолковски“. „Делче од космички отпад со големина од само два сантиметри може да уништи космички апарат. Ова е особено опасно за пилотираните вселенски бродови, зашто и најмала честичка би ја нарушила херметизацијата на кабината, што би било погубно за космонаутите“.

Од каде отпад во орбитата?

Денес во целиот свет научниците се обидуваат да го решат проблемот на вселенскиот отпад. Според директорот на Институтот за космичка политика, Иван Моисеев, руските и американските вселенски служби го следат движењето на вселенскиот отпад за време на лансирањето на вселенските апарати и при корекцијата на нивната орбита. „Ласерот е мошне погоден зашто може да загрева и да разбива парчиња космички отпад. Кога загреаното парче ќе почне да се топи, се јавува млазно потиснување. Потоа парчето вселенски отпад влегува во Земјината атмосфера и во неа согорува“, објаснува Моисеев.

Проблемот со вселенскиот отпад излезе на прв план во 2009 година по судирот на рускиот сателит „Космос 2251“ со американскиот „Iridium 33“. По овој судир делови од сателитите во вид на вселенски отпад буквално ја нападна Земјината орбита на висина од 700 до 900 километри. Научниците утврдија дека по судирот се создале десетици илјади покрупни делови од сателитите со големина од неколку сантиметри, како и милион поситни.

Работата на вселенските служби сериозно беше загрозена и од експериментот на кинеската војска, која во 2007 година го собори својот метеоролошки сателит. „Делови од тој сателит и од ракетата постојано ќе кружат околу Земјата“, вели научниот раководител на Институтот за космичка политика, Иван Моисеев. Тој смета дека е неопходно законски да се регулира однесувањето во вселената со цел во иднина да се избегнат слични случаи. Освен тоа, според мислењето на Моисеев, земјите-учеснички во МВС мораат да се договорат околу поделбата на трошоците за изградба на ласерскиот топ што го конструираат јапонските научници. „Додека овие прашања не се решат, нема да можеме да направиме ништо сериозно“, предупредува експертот.

Сè повеќе вселенски отпад

За проблемот со вселенскиот отпад почна сериозно да се размислува на почетокот од деведесеттите години од минатиот век. Научниците од САД и од СССР тогаш објавија низа сериозни студии со прогнози што сега се остваруваат. Според мислењето на некои стручњаци, ситуацијата полека излегува од контрола.

„Се смета дека количеството вселенски отпад ќе го достигне критичното ниво кога ќе започне неговото масовно самообновување. Но, веќе сега се приближуваме кон критичното ниво“, вели Јуриј Зајцев, шеф на одделение при Институтот за космички истражувања на Руската академија на науките.

Според професор Андреј Назаренко, автор на книгата „Моделирање на вселенскиот отпад“, во тек е мошне опасен процес на одвојување на делови во меѓусебните судири при движење со огромна брзина. „Ласерот не е доволна заштита од вселенскиот отпад. Со него може да се заштити еден вселенски брод или сателит. Според нашите прогнози, веќе по 200 до 300 години луѓето нема да можат да лансираат вселенски апарати, зашто вселенскиот отпад околу Земјата ќе формира прстени како оние на Сатурн. Земјата едноставно ќе биде ‘окована’ со ситни делови на отслужени вселенски апарати. Можно е тоа да доведе до сериозни климатски промени“, заклучува професорот Назаренко.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња