„Оружјето создадено од легендарниот самоук конструктор, народниот пронаоѓач Михаил Калашников, сигурно ќе им служи на Русија, нејзините војници и офицери уште многу децении”, рече претседателот на РФ Владимир Путин на Вториот серуски форум на оружари, пренесува РИА „Новости“.
„Денес им упатуваме најсрдечни честитки и благодарност до ветераните во оваа област, на оние кои ги поставуваа темелите на нејзината славна традиција, создаваа оружје и техника, кои станаа симболи на моќта на нашата армија, нејзините победи, благородните и возвишените мисии за заштита на Русија. Во плејадата истакнати оружари, со кои сме горди, посебно место, секако, му припаѓа на Михаил Тимофеевич Калашников, чија 100-годишнина од раѓањето ја славиме оваа година“, рече Путин.
Според него, Русија секогаш ќе го почитува легендарниот самоук конструктор и вистински патриот.
„Сигурен сум дека оружјето што тој го создаде и во иднина, уште многу децении, ќе ѝ служи на Русија како сигурна заштита, на нашите војници и офицери, а сјајната домашна школа на стрелечкото оружје, во која тој ги вложи сите свои сили, целиот свој живот, ќе ги зачува водечките позиции во светот и ќе вклучи нови млади таленти. Сегашната генерација оружари достојно ја продолжува традицијата воспоставена од Михаил Тимофеевич, неговите колеги и соработници“, додаде претседателот на РФ.