Американски аналитичари ги оценија рускиот тенк Т-14 „Армата“ и ПВО-системот С-350 „Витез“

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Американскиот воен аналитичар Марк Епископос посебно внимание им укажа на објавените тактичко-технички податоци на основниот борбен тенк Т-14 „Армата“, тешкото борбено возило на пешадијата со новата конфигурација на оружје и на ракетниот ПВО-систем со среден дострел С-350 „Витез“.

Во Русија се одржа меѓународниот воено-технички форум „Армија-2019“, кој го посетија нешто повеќе од 1,5 милиони посетители. Таму беа презентирани околу 1200 експонати, а шестдневната манифестација ја посетија 65 странски воени делегации. Новинарот на американското списание „Национален Интерес“ Марк Епископос го нарече овој саем „жив каталог“ на руската воена техника, која главно е наменета за извоз.

Вниманието на американскиот новинар го привлече усовршената верзија на тешкото борбено возило на пешадијата Т-15, кое е направено врз база на „Армата“, пренесува интернет-порталот Газета.Ру. Исто така беа претставени и унифицираната борбена платформа на тркала „Бумеранг“ и гасеничната платформа „Курганец“. Сите три оклопни борбени средства спаѓаат во новата генерација на перспективна борбена техника со која, судејќи според сѐ, во наредната деценија ќе се опреми руската армија, поточно нејзините оклопно-механизирани единици (ОМЕ).

Авторот наведува дека најголемо внимание кај посетителите имаше штандот на концернот „Уралвагонзавод“, каде што беше изложен основниот борбен тенк Т-14 „Армата“. Овој пат организаторите на воено-техничкиот саем „Армија-2019“ овозможија подобар пристап до перспективната оклопна техника. Луѓето можеа директно да пријдат до тенкот Т-14 „Армата“, па дури и да го допрат. Беа објавени и габаритите на овој тенк. Неговата должина ќе изнесува 10,8 метри, ширината 3,9 метри, а висината 3,3 метри. Меѓутоа, најголемо внимание привлече податокот за масата на тенкот „Армата“. Имено, овој тенк ќе биде тежок цели 55 тони.

Освен на оклопната борбена техника, Американци посебно внимание посветија и на новата генерација руски противвоздушни системи.  На саемот беше изложен и ракетниот систем со среден дострел С-350 „Витез“, која оваа пролет ги заврши своите тестирања и кој наскоро се очекува во вооружувањето на руската армија. Овој систем ќе биде најквалитетната опција на рускиот военно-индустриски комплекс, кога станува збор за ПВО-орудија со среден дострел.

Во материјалот се наведува дека концептот на саемот бил таков што јасно покажал што ќе биде стожерот на руската армија во иднина. Русите во голема мера ќе се потпираат на оклопната техника базирана на проектот „Армата“. Што се однесува до темпото на усвојување на новата оклопна борбена техника во ОМЕ на руската армија, тоа во голема мера ќе зависи од големината на буџетот и приоритетите на Министерството за одбрана на РФ, бидејќи се работи за техника која е значително поскапа од постојната.

Прочитајте повеќе: Најмоќното руско оружје: Шест видови вооружување за кое не постои одговор