Руската армија ќе добие далекуметни системи С-500 и пред планираното

Дмитриј Виноградов/RIA Novosti
Рускиот вицепремиер Јуриј Борисов изјави дека успешната динамика на тестирањето на новиот систем ПВО/ПРО С-500 „Прометеј“ може да резултира со негово усвојување во руската армија и пред планираното.

„Успешните прелиминарни тестови овозможија Министерството за одбрана да донесе одлука за скратување на роковите кои се однесуваат на почетокот на сериската испорака на ракетните системи од овој тип на единиците на руската армија. Како резултат на сето ова системите С-500 ќе почнат да влегуваат во вооружувањето веќе наредниве години“, рече Борисов, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.

„Во овој момент се изведуваат етапни тестирања на различни елементи кои го сочинуваат ракетниот ПВО-систем С-500, во кои се применуваат ракети од нов тип кои немаат адекватна конкуренција во светот“, ги пренесува интернет-порталот ТАСС зборовите на рускиот вицепремиер.

Неодамна рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека испораката на системот С-500 ќе почне веќе наредната – 2020 година. Кон крајот на април стана извесно дека системот С-500 „Прометеј“ успешно ја завршил главната фаза на техничкото тестирање.

С-500 спаѓа во новата генерација противвоздухопловни системи „земја-воздух“. Универзалниот систем со голем дострел и пресретнување на големи висини има нагласени способности за противракетна одбрана и може да пресретнува балистички ракети.

Овој систем нема исклучиво да биде специјализиран за пресретнување балистички цели и сателити, чии траектории се наоѓаат на голема висина. Тој покрај таа своја многу важна карактеристика ќе има и способност да води борба и против класични воздушни цели какви што се авионите и хеликоптерите, каде посебен  десерт ќе му бидат тнр. невидливи авиони. Значи, ќе се работи за еден универзален систем кој ќе има способност да се бори против комплетниот спектар воздушни цели, без оглед на нивните брзински карактеристики и патеката на летање.

Според информациите од отворени извори, С-500 има дострел од 600 километри и е во состојба да открива и истовремено да уништува до десет балистички хиперсонични цели што летаат со брзина до седум километри во секунда.

Прочитајте повеќе: Што е познато за новиот систем на руската ПВО од типот С-500 „Прометеј“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња