Русија стана пример за лекување на деца болни од рак благодарение на уникатниот пристап кој се применува во целата земја, изјави консултантот за онколошки болести на Светската здравствена организација во Женева д-р Дарио Трапани.
„Пред сѐ, централизацијата и стандардизацијата се гледаат во тоа, а тоа е глобален успех, што во Русија е јасно структуриран системот на прием на пациенти во една медицинска установа, каде што сигурно ќе им биде дадена медицинска помош. Она што е направено, пред сѐ со напорите на Центарот „Дима Рогачов“ Националната асоцијација на детски хематолози-онколози, е таканареченото мапирање на помошта во областа на детската онкологија во сите субјекти на Руската Федерација. За секој субјект е воспоставен оптимален пат на прием на пациентот во оној регионален или федерален центар, каде што ќе му биде укажана помош“, рече Трапани, пренесуваат руските медиуми.
Тој ги советуваше руските експерти да учат од своите колеги од Африка и Јужна Америка, каде што во некои центри се постигнати добри резултати дури и со послаби ресурси. Според Трапани, оптимизацијата на ресурсите ќе придонесе за заштеда на средствата кои може да бидат насочени за укажување помош на други пациенти.
Неспорно е дека во Русија навистина многу внимание се посветува на детските онколошки пациенти. Така, во овој месец во Забајкалот е организиран преглед на деца од страна на водечките невролози-онколози. Одржан е и семинар на кој стручњаците ги споделија своите искуства со колегите на локално ниво. Успехот во лекување на малигни тумори кај деца имаат постигнато и лекарите од Центарот „Дима Рогачов“ кои констатираа дека во 80 отсто од случаите на малите пациенти, на кои не се давани никакви шанси за преживување, на крај дошло до повлекување на болеста.
На оваа проблематика големо внимание посветува и претседателот на Русија Владимир Путин. Така, минатата година, во текот на „директна линија“, шефот на руската држава зборуваше за неопходноста од рана дијагноза на рак која треба да достигне до 70 отсто од случаите. „Пред сѐ, раната дијагностика. Во овој момент рак се дијагностицира во почетната фаза во 30 отсто од случаите, а би требало да биде меѓу 50 и 70 отсто, кога по откривањето на болеста би бил обезбеден нормален квалитет на живот во текот на следните пет години“, рече Путин.
Како што наведе тој, во детската онкохематологија се бележат 90 отсто случаи на излекување, иако сосем неодамна тој показател беше 30 отсто или помалку. Зголемувањето на животниот век на руските граѓани се должи, меѓу другото, на успесите на домашните лекари во лекувањето рак, појавата на нови препарати, подобрувањето на хемотерапијата и широката примена на ласерската хирургија, пишува весникот „Взгљад“.