Нагласуваме дека за време на опитно-конструкторската фаза од работата на моторот се произведени вкупно 38 единици, од кои 30 се наменети за тестирање на ловечките апарати Су-57, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.
Развојот на овој погонски агрегат со управлив вектор на потисок започна во 2004 година врз основа на моторот кој беше применет на авионот-ловец од генерацијата 4++ Су-35С. Неговата основна одлика во однос на основната верзија на моторот е интеграцијата на електронскиот систем за автоматска контрола, кој првпат се применува на еден руски авионски мотор.
Овој мотор ќе му овозможи на Су-57 извонредни маневарски способности и ниска рефлексивност, согласни се инженерите за развој кои работат на овој проект. Исто така, овој мотор ќе се карактеризира со плазмен безкислороден систем на палење во примарната и форсажната комора за согорување.
Како што објаснуваат од ОКБ, работата над моторот „од втора етапа“ и понатаму е во тек. „Моторот се карактеризира со способности кои обезбедуваат суперсонична брзина без да се премине во режим на дополнително согорување, како и целосно компјутеризиран систем за управување“, нагласуваат производителите.
Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација, развиен од воздухопловните инженери на ОКБ „Сухој“. Наменет е за извршување огромен спектар задачи кои можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување апсолутна воздушна надмоќ над територијата на која се изведуваат активни борбени дејствија, уништување најразлични копнени цели и површински бродови засилени со современи противвоздухопловни борбени средства, операции за извидување и надзор на воздушниот простор на големи растојанија, уништување на командната инфраструктура на непријателот итн. Притоа може да развие максимална брзина од 2600 км/час и да оствари долет од 4300 километри. Во свој посед има исклучително квалитетен радарско-електронски блок опрема кој овозможува на неколку стотици километри да детектира голем број воздушни цели и истовремено да следи околу триесетина од нив.