Унификација со генерацијата 4++: До крајот на 2019 завршува тестирањето на модернизираниот Су-30СМ

Global Look Press
Најновата модернизација на авионот Су-30СМ ќе биде унифицирана со ловците Су-35 од генерацијата 4++. На овие авиони се планира дополнителна интеграција на најсовремена електронска опреме и вооружување, што ќе ги намали трошоците за нивно одржување и ќе го продолжи векот на нивната употреба.

„По завршувањето на работите на модернизација на повеќенаменскиот ловец Су-30СМ, која ќе доведе до измена на авиониката (радиоелектронската опрема), ќе оствариме поквалитетна унификација меѓу Су-35 и Су-30СМ, што ќе ги намали трошоците за одржување на овие летала и ќе го продолжи нивниот работен век“, рече првиот заменик-премиер на руската влада Јуриј Борисов, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.

Тој додаде дека појавата на модернизираната верзија на авионот Су-30СМ ќе отвори простор и за понуда на извозни пакети на модернизација за ова летало. „Во Индија, на пример, се наоѓаат околу  200 летала Су-30МКИ кои се изведени од основната верзија на авионот Су-30СМ. Понатамошната модернизација на овие авиони сигурно ќе го продолжи нивниот работен век“, појасни рускиот заменик-премиер.

Според него, програмата за диверзификација во услови на намалени државни набавки кога е во прашање нова борбена техника, може да ги насочи наменските претпријатија да развијат цела серија многу квалитетни пакети модернизација кои ќе го продолжат нивниот работен век.

„Мораме да работиме на диверзификација на нашата наменска индустрија, во која сѐ повеќе ќе биде застапена цивилната програма. Во рамките на националниот проект, кој е поврзан со инвестициската програма на нашите нафтено-енергетски компании, таквата активност допрва ни претстои“, заклучи Борисов.

Во јануари оваа година началникот на производствено-експерименталниот сектор на Иркутскиот воздухопловен завода (ИАЗ, дел од корпорацијата „Иркут“) Андреј Балучгов изјави дека сите тестирања на модернизираната верзија на ловецот Су-30СМ ќе бидат завршени до крајот на оваа година.

Су-30СМ е авион со извонредни летечко-тактички карактеристики. Неговата главна задача е остварување на апсолутна воздушна доминација над поширокиот простор каде што се одвива битката. Основниот фокус се противничките ловци и бомбардери, но може да се употреби и за гаѓање на цели на земјата.

Со најновиот пакет модернизација руските конструктори очигледно се обидуваат да ги унапредат неговите „бомбардерски“ карактеристики и да ги изедначат со неговите способности кога е во прашање борба во воздух. Во таа смисла може да се очекува интеграција на дополнителен пакет софистицирана опрема за откривање и гаѓање цели на земја, која ќе овозможи проширување на листата на убојни средства од класата „воздух-земја“ кои ќе се најдат во неговото вооружување. 

Според воените стручњаци, најверојатно се конципира варијанта која ќе може да применува високопрецизна муниција какви што се, на пример, „наведуваните воздухопловни бомби КАБ-250 и ракетите од класата „воздух-земја Х-59МК2“.

Погледнете го видеото: Акробатски лет на авион-ловец Су-30СМ

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња