Су-30МКИ на саемот за одбрана "Аеро Индија 2013". Извор: AFP / East News.
„Борбените способности на авионот Су-30СМ се повеќекратно зголемени кога станува збор за истовремено откривање и гаѓање неколку цели. Еден таков авион има потенцијал како два авиона од претходната генерација“, вели генерал-мајор Александар Харчевски.
Повеќенаменскиот ловец Су-30СМ, чија испорака во армијата е во тек, му овозможува на Военото воздухопловство на Русија да решава задачи кои порано беа невозможни, изјави за РИА „Новости“ генерал-мајор Александар Харчевски, началник на воениот научно-наставен центар на Военото воздухопловство на РФ „Воено-воздухопловна академија 'професор Н. Е. Жуковски и Ј.А. Гагарин'“.
Минатата година Военото воздухопловство на Русија ги презеде од корпорацијата „Иркут“ првите два повеќенаменски ловци Су-30СМ. Со тоа започна реализацијата на договорот потпишан во март 2012 за испорака на 30 авиони Су-30СМ на Министерството за одбрана на Руската Федерација. Со набавка на овие модерни ловец-двосед Военото воздухопловство на РФ има намера да ја зголеми својата борбена моќ и да подготви пилоти за управување со авиони од петтата генерација.
Четврти Краснознаменски центар
Харчевски со години беше на чело на четвртиот Краснознаменски центар за борбена подготовка и обука на летечкиот состав на военото воздухопловство „В. Чкалов“. Тука пилотите не учат само да летаат, туку и да војуваат: се откриваат борбените можности на новите летала, се разработуваат тактички маневри и се создава методика за обука на борци во воздух. Александар Харчевски има искуство со летање на авионот Су-30МКИ, со чиј понатамошен развој е добиен новиот ловечки авион на Военото воздухопловство на Русија.
„Борбените способности на авионот Су-30СМ се повеќекратно зголемени кога станува збор за истовремено откривање и гаѓање неколку цели. Еден таков авион има потенцијал како два авиона од претходната генерација. Не е случајно што во школските воздушни борби на индиското и американското воено воздухопловство победуваа индиските пилоти со Су-30МКИ“, изјави Харчевски.
Одговарајќи на прашањето во што, од гледна точка на пилот, се состои предноста на суперманеварските способности што ги поседува Су-30СМ, Харчевски рече: „Благодарение на суперманеварските способности, овој авион отвора нова ера во пилотирањето. Покрај стандардното хоризонтално и вертикално оптоварување, тој може да лета и со странично оптоварување. Ова му дава на пилотот нови можности за маневрирање во тродимензионален простор, што е неопходно за победа во воздушна борба. Од своја страна, појавата на суперманеварските авиони влијае врз новите методи на борба во воздух и на тактиката на воздушна битка“.
Борбените способности на авионот Су-30СМ се повеќекратно зголемени кога станува збор за истовремено откривање и гаѓање неколку цели. Еден таков авион има потенцијал како два авиона од претходната генерација.
Харчевски истакна дека воведувањето на Су-30СМ во оперативна употреба е мошне важен настан за Военото воздухопловство на Русија.
„Ова е нова етапа од модернизацијата на вооружувањето на Военото воздухопловство. Перформансите на ловецот овозможуваат да се зголеми борбениот потенцијал на нашата авијација. Военото воздухопловство на Русија досега немаше авион кој овозможува решавање задачи на олку високо ниво. Треба да се има предвид и тоа дека војската нема да добие само по еден авион, туку цели ескадрили од вакви авиони. Јас своевремено мечтаев да летам на ваков авион, а денес мечтата станува стварност за многу наши пилоти“, истакна генерал-мајорот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче