На видеоматеријалот на кинеската телевизија CCTV се гледаат најмалку две транспортно-лансирни единици 5П85ТЕ2, како и моќна радарска станица 96Л6Е за откривање аеродинамични и балистички цели на далечини и до 400 км, наведува интернет сајтот „Бог-рата“.
Рускиот противвоздушен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во висина дејствува и до 35 км.
Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто се наоѓаат 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 воздушни цели на непријателот во оперативен борбен радиус до 400 км.
Неодамна своја успешна проверка имаа системите С-400 испорачани на НР Кина. Кинескиот противвоздушен дивизион опремен со системи С-400 „Триумф“ успешно тестираше ракета со голем дострел 48Н6-Е. Во услови на интензивни електронски пречки, ракетата ја погоди балистичката цел која се движеше со брзинa од 3000 м/сек. на далечина од 250 км. Притоа вежба беше оценета со висока оцена.
Народна Република Кина е првиот странски руски воен партнер кој ги купи овие системи. Договорот за набавка на два полковски комплети ракетни системи С-400 беше потпишан во април 2015 година. Три години подоцна беше комплетиран првиот ракетен полк и испорачан во таа земја. Договорот опфати и изградба на руски ремонтен центар на територијата на НР Кина кој ќе ги сервисира и одржува ракетните системи С-400, но и други типови руска борбена техника која се наоѓа во состав на кинеската армија. Покрај Кина, договори за набавка на ракетни системи С-400 со Русија потпишаа Турција и Индија, а сериозни преговори за негова набавка се водат со Катар и Саудиска Арабија.