Су-30СМ
Сергеј Пивоваров/SputnikЕрменија постигна договор со Русија околу купување на повеќенаменски борбени ловци СУ-30СМ од генерацијата 4+, пренесува рускиот интернет-портал РИА „Новости“.
„Со Република Ерменија е склучен соодветен договор за набавка на руските борбени летала Су-30СМ“, се вели во писмениот одговор на Министерството за одбрана на РФ на прашањето на новинарот од оваа агенција. Меѓутоа, точни податоци за финансиската тежина на целиот договор, како и за бројот на апарати кои се предмет на оваа набавка, засега не ѝ се познати на пошироката јавност.
Од Министерството за одбрана на РФ изјавија дека процесот на набавка на вооружување и воена техника се одвива во рамките на неодамна одобрениот кредит во износ од 100 милиони американски долари кој се наоѓа во статус на реализација.
Република Ерменија „кубури“ со воздухопловната компонента во рамките на своите вооружени сили, особено кога се во прашање млазни авиони. Имено, тие немаат ниту една стандардна ловечка ескадрила која е опремена со повеќенаменски борбени апарати. Нивното воено воздухопловство првенствено се сведува на тактички бомбардери Су-25 „Грач“ (13 единици Су-25 и 2 единици Су-25УБК) кои се исклучително наменети за изведување на операции за воздушна поддршка на трупите на земја.
Треба да се напомене дека на територијата на оваа држава се наоѓа 102 руска воена база во близина на градот Ѓумри. Проценетата бројност на рускиот контингент кој се наоѓа во состав на оваа база е
4-5 илјади војници и офицери. Во нејзин состав се наоѓа и аеродром на кој се базирани тактички ловци МиГ-29 како и ударни хеликоптери Ми-24/35. Покрај нив, тука се наоѓаат и незаменливите борбено-транспортни хеликоптери Ми-8 во различни модификации. Базата ја штити многу силна ПВО-група вооружена со ракетни системи со голем дострел С-300В.
Су-30СМ е руски повеќенаменски суперсоничен борбен авион, кој се карактеризира со врвни летечко-технички карактеристики. Посебно е опасен во блиска воздушна борба, каде за повеќето свои странски конкуренти е недофатлив благодарение на исклучителните маневарски способности. Покрај тоа, овој авион е опремен и со радарска станица со зголемени способности, мотори со управлив вектор на потисок и пар предни хоризонтални крила кои му даваат навистина импресивни летечки способности.
Овој авион е способен да носи широка палета современо вооружување од класата „воздух-воздух“ и „воздух-земја“. Благодарение на својата универзалност, овој авион може да се употребува и како школско-борбено летало за обука на млади пилоти на суперсонични авиони, бидејќи се работи за двосед.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче