Руската академија на науки објасни зошто на Русија ѝ е неопходна база на Месечината

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Изградба на руска база на Месечината во овој момент делува како фантастика, но таа е неопходна за да на неа се склопуваат тешки летала за мисии на Марс, објасни директорот на Институтот за геохемија и аналитичка хемија на Руската академија на науки Јуриј Костицин за РИА „Новости“.

Претходно беше соопштено дека Русија планира да постави на Месечината голема и целосно оперативна база во периодот меѓу 2036 и 2040 година. Таквата база би морала да поседува модули со системи за одржување на животот и заштита од радијација за космонаутите во неа, центри за вселенски надзор на Земјата, системи за снабдување со енергија и системи за врска, вселенски лаборатории за експерименти и тоа пред сѐ во сферите на обработка на лунарните материјали и природните ресурси, како и за производство и развој на нови вселенски алати и технологии. Базата би требало да поседува и лунарна астрономска опсерваторија.

„Во овој момент, и покрај тоа што со федералната вселенска програма е точно одреден датумот на изградба на руската база на Месечината, сѐ делува и повеќе од фантастично. Но, таквата база, доколку бидеме успешни во освојувањето на Месечината, е и повеќе од потребна. Во неа би можеле да се склопуваат тешки бродови за летови на Марс, како и големи орбитални станици. Сето тоа е полесно да се направи на Месечината поради отсуството на силна гравитација каква што постои на Земјата“, објасни Костицин.

Тој додаде и дека лунарните камења се практични исто како и на Земјата, што ќе овозможи експлоатација на материјалите за изградба на објекти на Месечината. Во лунарниот базалт – кога ќе се спореди со оној од Земјата – се наоѓаат повеќе метали неопходни за изградба, пред сѐ алуминиум и титаниум.

„За да изградите база на Месечината, првин морате да воспоставите услови за живот таму и да го решите проблемот на заштита на луѓето од вселенската радијација. За да го постигнете ова, морате да направите засолништа од лунарен материјал и да ја одржувате атмосферата внатре. Тешко е да се носи кислород од Земјата, па затоа водата на Месечината е од големо значење – мораме да дознаеме колку ја има, колку е достапна и како да добиеме кислород од неа“, рече Костицин.

Прочитајте повеќе: Зошто СССР не испрати човек на Месечина?