„Национален Интерес“: Каков е тој застрашувачки „рачен топ“ што го поседува спецназот на ФСБ?

YouTube
ШАК-12 ќе овозможи моментално неутрализирање на непријателот. Енергијата на зрното е таква што таа едноставно ќе го „кутне“ како удар со чекан. Во такви случаи повеќе никакво значење немаат наркотичките или другите фармаколошки средства кои ги неутрализираат рецепторите за болка.

Вниманието на американските медиуми повторно го привлече новата руска автоматска пушка со голем калибар ШАК-12 (или АШ-12) која користи муниција 12,7х55 мм. Оваа пушка е направена по нарачка на  ФСБ. Нејзината основна намена е ефикасна борба против терористи, од блиско растојание и во затворени простории, особено кога се во прашање ситуации со голем број заложници.

Оцена на новата руска пушка со голем калибар даде Марк Епископос, аналитичар кој пишува за интернет медиумот „Национален Интерес“. Врз основа на реалните борбени искуства стекнати во противтерористичките операции на руските специјални сили при ликвидирањето на терористите во Беслан и театарот „Дубровка“, ФСБ сериозно почна да размислува за конструирање ново оружје кое ефикасно ќе може да одговори на условите кои ги наметнува борбата од блиско растојание.

Практично е потврдено дека огромниот процент на адреналин во крвта и наркотичките средства можат да ја потиснат болката предизвикана од погодоци од огнено оружје. Во такви ситуации терористите, иако погодени, можат да функционираат одредено време пред да се збогуваат со животот. Ова е посебно опасно во услови какви што во поголемиот број случаи се јавуваат при вакви акции. Тоа се главно затворени објекти, во кои се наоѓаат голем број заложници. Тие неколку секунди пред дефинитивната смрт можат да бидат доволни терористот да активира експлозивна направа и со себе да однесе десетици заложници.

Куршумот со калибар 12,7х55 мм кој го користи новата руска автоматска пушка ШАК-12 (скр. од штурмовой автоматный комплекс) мора дефинитивно да ги реши проблемот на одложена смрт. Неговото масивно зрно со тежина од 33 грама веднаш ја неутрализира метата, дури и ако е заштитена со преградни ѕидови. Притоа ефикасниот дострел на оружјето е до 100-300 метри, што значително ја намалува можноста за жртви меѓу цивилите.

Високиот степен на безбедност за трети лица го обезбедува потсоничниот куршум кој постигнува респектабилни вредности на моќ на запирање на блиско растојание. Меѓутоа, на поголеми растојанија, овој куршум рапидно ја губи својата енергија и со самото тоа претставува помала опасност за генерирање на тнр. „ненамерна штета“. Оваа муниција се произведува во различни варијанти, во зависност од типот на куршумот. Нејзиниот ефективен дострел изнесува од 100-300 метри.

Муницијата за ШАК-12 се произведува во следниве модели:

  • Куршум 12,7х55 мм ПС-12Б со панцирно зрно со тежина од 18 грама (ефективен дострел до 300 метри)

  • Куршум 12,7х55 мм ПС-12 со тешко потсонично зрно со тежина од 33 грама (ефективен дострел до 100 метри)

  • Куршум 12,7х55 мм ПД-12 со две зрна од кои секое тежи 17 грама (ефективен дострел до 100 метри)

  • Куршум 12,7х55 мм П-12А со ултралесно зрно со тежина од 7 грама чие јадро е составено од легура на алуминиум (ефективен дострел до 200 метри)

ШАК-12 ќе овозможи моментално неутрализирање на непријателот. Енергијата на зрното е таква што таа едноставно ќе го „кутне“ како удар со чекан. Во такви случаи повеќе никакво значење немаат наркотичките или другите фармаколошки средства кои ги неутрализираат рецепторите за болка.

Самата пушка е проектирана според шемата „Булпап“. Ваквиот систем на изработка на стрелечко оружје обезбеди намалување на неговите вкупни габарити и со самото тоа овозможи широк спектар на примена на различни додатоци како што се придушувачи и разбивачи на огнот на устата на цевката, со што се зголемува неговата тактичка ефикасност. Исто така, овозможено е и да се закачи потцевен фрлач на гранати доколку тоа е неопходно. ШАК-12 се полни со дворедни рамки со 10 и 20 куршуми со калибар 12,7х55 мм. Сразмерно на големиот калибар на оружјето е неговата тежина која е намалена со внимателно одбирање на материјалите (полимери+алуминиум) од кои е направена пушката, како и рамките со муницијата. Со ваквите технички интервенции вкупната тежина на оружјето изнесува прифатливи 5,2 кг, додека, на пример, автоматската пушка АК-12 тежи 3,3 килограми.

Авторот потсетува дека Русија има големи амбиции кога е во прашање нејзиниот извоз. Пушката веќе беше претставена на меѓународните саеми на вооружување и воена опрема во Индија и НР Кина.

Напомена

ШАК-12 е проектиран од инженерите на Централното конструкторско научно-истражувачко биро за спортско-ловечко вооружување (заедно со снајперската пушка ВССК „Вихлоп“) кое претставува филијала во рамките на КБП „А. Г. Шипунов“. Во меѓувреме, оваа компанија стана интегрален дел на холдингот „Високопрецизни комплекси“ (Высокоточные комплексы). Оружјето претставува современ примерок на автоматска пушка со висока ефикасност, кое е пред сѐ наменето за потребите на специјалните единици во борби на блиско растојание. Основната задача на оваа пушка е брзо и ефикасно уништување на непријателската жива сила која е заштитена со индивидуални форми на балистичка заштита или се наоѓа во засолништа.

Прочитајте повеќе: Ростех го претстави новото чудо на руската воена индустрија: Автомат ШАК-12 со калибар од 12.7 мм

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња