Ростех го претстави новото чудо на руската воена индустрија: Автомат ШАК-12 со калибар од 12.7 мм.

Youtube
Станува збор за оружје кое е наменето за офанзивните антитерористички единици за време на изведувањето енергични операции во ограничен, затворен простор, како што се станбени единици, индустриски објекти и слично. ШАК-12 се одликува со голема брзина на гаѓање, силен калибар на куршумот, негова голема запирлива моќ и драматично намалување на потенцијалните ситуации со „недолжни“ жртви.

Државната корпорација Ростех за првпат на една меѓународна манифестација на вооружување и воена опрема го претстави својот нов офанзивен автоматски систем со голем калибар ШАК-12. Оружјето беше претставено на Меѓународниот саем Defexpo India-2018, кој се одржа во градот Ченај од 11 до 14 април.

ШАК-12 (кратенка од штурмовой автоматный комплекс – офанзивен автоматски комплекс) го проектираа инженерите на Централното конструкторско научно-истражувачко биро за спортско-ловечко вооружување, кое претставува филијала во рамките на КБП „А.Г. Шипунов“. Во меѓувреме, оваа компанија стана интегрален дел на холдингот „Восточние комплекси“. Оружјето претставува современ примерок на офанзивен автомат со висока ефикасност кој е пред сè наменет за потребите на специјалните единици во борбите на блиско растојание. Основната задача на овој автомат е брзо и ефикасно уништување на непријателската жива сила која е заштитена со индивидуални облици на балистичка заштита или која се наоѓа во скривници.

ШАК-12 е идеално оружје за антитерористички операции или слични акции кога задачата се изведува во густо населени средини, урбани целини, затворени простори, каде е потребна максимална заштита на безбедноста на цивилното население кое се нашло во непосреден простор на изведување на борбените дејствија. „Ние навистина имаме висока заинтересираност за ова оружје кога станува збор за домашните, но и за странските специјални единици“, истакнува Сергеј Абрамов, технички директор на кластерот Ростех.

Високиот степен на безбедноста за трети лица се овозможува со дозвучниот куршум со калибар 12.5х55 милиметри кој постигнува значајни вредности на запирачка моќ на блиско растојание. Но, на поголемо растојание овој куршум рапидно губи енергија и со самото тоа претставува помала опасност за генерирање на таканаречената „ненамерна штета“. Оваа муниција се произведува во различни варијанти во зависност од видот на куршумот. Нејзиниот ефективен дострел изнесува од 100 до 300 метри.

Муницијата за ШАК-12 се произведува во следниве модели:

  • Куршум 12,7х55мм ПС-12Б со панцирно зрно со тежина од 18 грама (ефективен дострел до 300 метри)
  • Куршум 12,7х55 мм ПС-12 со тешко дозвучно зрно со тежина од 33 грама (ефективен дострел до 100 метри)
  • Куршум 12,7х55мм ПД-12 со две зрна од кои секое е тешко 17 грама (ефективен дострел до 100 метри)
  • Куршум 12,7х55мм П-12А со ултралесно зрно со тежина од 7 грама чие јадро е составено од легура на алуминиум (ефективен дострел до 200 метри)

Самиот автомат е проектиран по шемата на „Булпап“. Ваквиот систем на изработка на стрелечко оружје обезбедува намалување на неговите вкупни габарити, и со самото тоа овозможува широк спектар на примена на различни додатоци, како што се придушувачи и разбивачи на оган на устата на цевката, со што се зголемува неговата тактичка ефикасност. Исто така, овозможено е и закачување на подцевчест фрлач на гранати доколку тоа е неопходно. ШАК-12 се полни со дворедна рамка со 10 и со 20 куршуми со калибар од 12.7х55 милиметри. Од горната страна на оружјето е монтирана специјална тактичка „пикантна“ шина која служи за закачување на колиматорски и оптички нишани, но и на друг современ прибор што ја зголемува нејзината ефикасност кога станува збор за прецизноста. За манипулација со автоматот од долната страна на држачот на автоматот е исто така монтирана „пикатини“ шина на која можат да се додаде предна тактичка рачка, ласерски маркер, батерија и слично. „Пикатини“ шините се додадени и на страните на оружјето, од едната и од другата страна на цевката на пушката, со што се зголемува местото за рекорден број додатоци кои можат да се интегрираат заедно со автоматот.

Автоматот дејствува во автоматски режим на пукање, а неговото темпо на оган изнесува 600 куршуми во минута. Ефективниот дострел изнесува 200 метри (напомена, максимални 300 метри кога се дејствува со панцирна муниција ПС-12Б), додека вкупната тежина со муниција изнесува 5.0-5.5 килограми.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња