За 6 години Русија за триесет пати го зголеми арсеналот на високопрецизни проектили

Оперативно-тактички ракетен систем 9К720 „Искандер-М“

Оперативно-тактички ракетен систем 9К720 „Искандер-М“

Рамиљ Ситдиков/Sputnik
Во последниве неколку години Русија радикално го зголеми својот борбен арсенал на високопрецизни ракети кои со своите квалитети и сигурност се потврдија и во реалните борбени дејствија на територијата на Сирија. Во овој текст ќе ви ги претставиме системите кои претставуваат база на рускиот „ракетен штит“, како и плановите за нивна понатамошна модернизација.

Русија го зголеми својот арсенал на високопрецизни ракети за триесет пати во последниве шест години. Овој податок на почетокот од ноември го објави медиумската куќа „Краснаја звезда“ која се наоѓа под директен патронат на Министерството за одбрана на РФ. Секако, некои попрецизни податоци кои се однесуваат на конкретни бројки и слично не беа соопштени.

Прво Искандерите

Пред сè станува збор за ракети кои ќе се лансираат од копнените оперативно-тактички ракетни системи „Искандер-М“. Овој ракетен систем со стандардна аеробалистичка или крстосувачка ракета од класата земја-земја, може да уништи непријателска цел која се наоѓа на оддалеченост до 500 километри. Покрај конвенционалната боева глава, овие ракети можат да носат и нуклеарно оружје.

Благодарение на своите квалитети каде особено се истакнува врвната прецизност на дејството врз непријателската цел, како и мошне сложената траекторија на лет на самата ракета која се движи со хиперсонична брзина (што имплицира на целосна беспомошност на современите и на перспективните системи за ПРВО за нејзино пресретнување – заб. авт,) овој ракетен систем претставува еден од столбовите на одбранбените способности на руската армија. И покрај наброените предности, овој систем има сериозен потенцијал за понатамошна модернизација, што беше истакнато и од најважните авторитети во државата.

Кога станува збор за напредниот пакет модернизација, во прв план ќе се работи на унапредување на системот за управување со оган, истакнува воениот аналитичар на весникот „Известија“ Дмитриј Сафонов и додава дека „во овој момент одбранбените индустрии од целиот свет активно работат на системи за противелектронска борба кои можат едноставно да ја 'исклучат' ракетата или да ја пренасочат од нејзината траекторија“. Значи, според експертот кога станува збор за модернизација на „Искандер“ покрај унапредувањето на системот за управување со оган, ќе се обрне особено внимание и на зголемувањето на неговата отпорност на најновите системи за противелектронска борба.

Голем број воени аналитичари сметаат дека сите напори кои се вложуваат на Запад во развојот на системите за противелектронска борба, како и ракетните системи за противракетна одбрана се практично залудни зашто можноста за пресретнување на ракета која се лансира од системот „Искандер-М“ е исклучително мала. „Не може да се каже дека ваквите системи нема да можат да пресретнат и да соборат некоја наша ракета, но нивните можности за такво нешто се исклучително мали. Ова особено се однесува на ракетните системи Патриот“, вели за Russia Beyond-Македонија советникот на командантот ма Ракетната војска за стратешка намена (РВСН), генерал-полковник Виктор Есињ.

Зајакнување со „Калибри“

Како ефикасно дополнување на системот со копнено базирање „Искандер-М“, во основата „ракетниот штит“ ќе има и „крилати чудовишта“ кои ќе полетуваат од море. Станува збор за ракетниот систем „Калибр“ кој ќе биде составен дел од практично сите современи ракетни бродови и нападни подморници на руската армија.

Ефикасниот дострел кој го покриваат овие ракети се движи во опсегот од 200 до 2.600 километри. Станува збор за крстосувачки ракети лија патека не е класична балистичка (во облик на амплитуда), ами хоризонтална, рамна, каде благодарение на современите системи за наведување оваа ракета го следи релјефот на теренот и лета практично над човечки глави.

Мошне важна ставка кај овие ракети е нивната способност да носат широк спектар различни боеви глави. Технолошкиот развој на рускиот воено-индустриски комплекс, поточно на неговиот сектор за производство на перспективна муниција, ќе овозможи во близок временски период да се развие нова генерација конвенционални боеви глави кои според својата разорна сила ќе бидат блиски на тактичкото нуклеарно оружје. На тој начин повеќекратно ќе се зголеми ефикасноста на високопрецизното оружје со голем дострел, без ризик од радиоактивна контаминација која е последица на дејствијата на тактичкото нуклеарно оружје. Сево ова во голема мера ги ограничуваше копнените единици (оклопно-механизираните и специјалните сили) брзо да го запоседнат просторот на кој е уништен непријателот. Сега тоа нема повеќе да биде така.

Што ќе ѝ се на Русија толку многу ракети?

Олку драматично зголемување на рускиот офанзивен арсенал не е поврзано со тврдењето дека државата се подготвува за војна, ами со нешто друго.

„По распадот на СССР кој се случи во 1991 година, Русија мина низ серија тешки економски кризи кои нејзината армија и на воено-индустриските комплекси ги уназади за речиси 20 години. Работите се менуваат на подобро дури на почетокот на втората деценија од 21 век кога доаѓа до драстично поскапување на енергенсите (цената за барел нафта скокна на 120 американски долари) што во националниот буџет отвори простор за обемна модернизација на руската армија која започна во 2012 година со доаѓањето на новиот министер Сергеј Шојгу. Станува збор за колосални инвестиции кои се мерат во билионски цифри кои ќе се потрошат за купување ново вооружување и воена опрема со цел обновување на целосната борбена подготвеност на руската армија“, вели за Russia Beyond-Македонија воениот аналитичар Виктор Литовкин.

Значи, не доаѓа предвид тврдењето дека Русија се подготвува за воен судир, Едноставно, руската армија мора да го надополни заостанувањето кое беше создавано со децении и да ги „пополни дупките“ кои за тоа време се „отворија“ во системот на одбрана. Секако, тука треба да се земе предвид и нејзината славна воена традиција која на новите генерации им создава обврска повторно да ја изградат најмоќната армија на светот која ќе биде во состојба ефикасно да го одбрани својот народ и својата голема татковина без оглед на бројноста и на квалитетот на потенцијалниот непријател.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња