Се појавија ретки фотографии од авионот Су-24МП специјализиран за електронско војување

Слободан Ѓукиќ
На интернет се појавија фотографии со многу специфичната модификација на рускиот бомбардер Су-24 (Су-24МП), кој е наменет за противелектронско покривање на бомбардерски ескадрили, така што со своите уреди би ги попречувал противничките средства за ПВО.

Верзијата на авионот ја носи ознаката Су-24МП и е предвидена за противелектронски дејства. Фотографиите, како што пренесува изворот, се направени уште 1992 година на подрачјето на воздухопловната база Чертков во Украина.

Кон средината на минатиот век практично секој бомбардерски воздухопловен полк на советската армија во својот состав имаше по една ескадрила авиони за радиоелектронско противдејство. За изведување на овие задачи беа ангажирани авионите Јак-28ПП, чии летечко-технички и тактички карактеристики не беа доволни за следење на авиони како Су-24, кои во вооружувањето на советската армија влегоа 1975 година.

Советските воздухопловни команданти набрзо донесоа одлука да ја обноват надминатата летечка платформа Јак-28 и врз база на новите Су-24 да ги модифицираат своите специјализирани ескадрили за електронски дејства. Така настана специјалната верзија на авионот Су-24МП на која е интегриран комплекс со ПЕБ „Ландиш“ чии карактеристики и понатаму се чуваат во тајност.

Су-24МП е развиен врз база на проектот Т-6П од 1976 година. Според класификацијата на НАТО тој го доби кодниот назив Fencer-F. Неговата основна задача беше ефикасно покривање на бомбардерската авијација со активни и пасивни пречки кои беа посебно наменети за непријателските средства за ракетна ПВО.

Однадвор Су-24МП се разликуваше од базичната верзија на авионот по тоа што имаше подвесен контејнер за електронско војување во кој се наоѓа главниот попречувач на радарски и радио сигнали со голема сила, како и дополнителна антена која излегуваше од кабината на пилотот. Покрај подвесниот носач, дополнителна апаратура за електронска борба се наоѓаше и во корпусот на леталото.

Овој авион можеше да носи и вооружување кое се состоеше од шестцевен автоматски топ, како и 2-4 самонаведувани ракети со мал дострел Р-60 од класата „воздух-воздух“.

Првиот лет на овој специјализиран авион беше изведен 1979 година (два експериментални примерока), а четири години подоцна Су-24МП влезе во сериско производство. Првите два прототипа му беа испорачани на Центарот за борбена примена во Липецк. Осум сериски произведени авиони Су-24МП му беа придодадени на 118 самостоен воздухопловен полк за електронски дејства во базата Чертков, Украина. Само еден апарат од вкупно осумте успеа да дојде во Русија по распадот на СССР. Судбината на преостанатите седум е судејќи според сѐ запечатена, затоа што 2004 година беа отпишани од вооружувањето на украинската армија.

Прочитајте повеќе: Русите усвојуваат сѐ поефикасни ПЕБ-средства за рушење на беспилотни летала

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња