Русија би можела да отвори ремонтен центар за С-300 и С-400 во Кина

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Русија би можела да отвори во Кина сервисно-ремонтен центар за системи за противвоздушна одбрана со голем дострел, соопшти директорот на Федералната служба за воено-техничка соработка (ФСВТС) Дмитриј Шугаев.

„Имајќи предвид дека Кина продолжува да користи ПВО-системи од типот С-300, како и да го набавува најновиот С-400, воспоставувањето на ремонтен центар за далекуметни системи за ПВО би било логично и економски исплатливо“, изјави Шугаев за „Интерфакс“.

Тој соопшти и дека во 2017 година во Кина е отворен ремонтен центар за системите за противвоздушна одбрана Тор-М1.

„На различни стадиуми на развој се наоѓаат и проекти кои се однесуваат на сеопфатни сервисно-ремонтни центри за хеликоптери и воздухопловни мотори“, додаде директорот на службата.

Претходно руски системи за противвоздушна одбрана со различен дострел кои ги произведува А.Д. „Алмаз-Антеј“, вклучувајќи С-300, „Тор“ и „Бук“, ѝ беа испорачани на Кина.

Русија е и во фаза на исполнување на договорните обврски поврзани со испораката на напредниот ПВО-систем С-400 на Кина.

Шугаев ја предводи руската делегација на воздухопловниот саем Airshow China 2018 во градот Џухај, на југоистокот на Кина.

Прочитајте повеќе: Русија ќе ѝ испорача на Кина најсовремена борбена техника во склад со договорените рокови