„Бронебојшчик“ ќе го десеткува секој непријател

Слободан Ѓукиќ
Практиката покажа прилично голема доминација на ненаведувачките ракетни зрна во однос на другите борбени воздухопловни средства кога станува збор за обемот на користење на непријателската жива сила. Ракетниот плотун од неколку десетици вакви ракети може да го „расфрли“ комплетниот непријателски распоред пред офанзивните сили. Експертите тврдат дека токму со ова вооружување во Сирија се уништени 5)% од вкупниот број ликвидирани терористи, што доволно зборува за неговата застрашувачка моќ.

За главниот инструмент во борбата против живата сила на непријателот односно за неуправуваните ракети од класата воздух-земја, генерално се зборува малку и мошне површно. Големо внимание главно се посветува на високопрецизното наведувачко оружје како што се современите воздушни ракети и планирачките бомби кои своите цели ги погодуваат со хируршка прецизност. Но, постојат објективни процени дека авионите и хеликоптерите за време на изведувањето на операција со воздушна поддршка на единиците на земјата, употребуваат исклучиво наведувачки видови муниција, и тоа речиси во апсолутен процент од дури 90% од вкупниот огнен потенцијал кој им стои на располагање.

Тактика „палење на земјата“

За улогата на неупрвуваните ненаведувачки ракетни зрна за време на советската кампања во Авганистан и денес кружат легенди. Имено, според својата ефикасност ненаведувачките ракетни зрна можат да се споредат со дејството на разорните воздушни бомби. Ракетниот плотун на ударен хеликоптер Ми-24 (познат како „летачки тенк“ – заб. авт.) или на тактичкиот офанзивец Су-25 исто така вооружен со овие ракети, гарантирано ги уништуваше и најзаштитените огнени точки на непријателот, без оглед на нивната големина и на степенот на утврденост.

Се проценува дека во Авганистан се ангажирани 250 „летачки тенкови“ кои имаат учествувано во акциите за ракетирање на непријателските позиции. Тие најчесто дејствувале во двојка, од висина од 1.300 до 1.500 метри, и во таа пригода имаат нанесено најголемо количество штета ако се земе превид вкупниот број непријателски загуби за време на целата војна. Боевата глава на ненаведувачката ракета С-8 можела во радиус од 15 до 17 метри неповратно да уништи огромен процент непријателска жива сила, но во голема мера да ја оштети техниката и леснооклопните борбени средства.

Колосално искуство во борбената употреба на ненаведувачките ракетни зрна дојде десетина години подоцна за време на операцијата на руските безбедносни сили на Кавказ. Командирите на ударните борбени групи кои се наоѓаа во состав на моторизираните бригади или на единиците за специјални намени, забележаа дека без оглед на сета едноставност во технологијата на изработката на овие ракети и на нивниот „евтин“ дизајн, тие вршат фантастична работа на теренот. Практично, многу задачи не би можеле да се решат доколку немаше воздушна поддршка во која непријателската одбрана беше „засипана“ со овие ракети.

Ненаведувачките ракетни зрна му припаѓаат на ваквиот тип вооружување кое практично никогаш не се чува во магацините. Оваа муниција е неизоставен дел од борбената обука на пилотот на ударните хеликоптери и на офанзивците, а за време на судирите во големи количества се употребува за решавање на борбени задачи со непосредна огнена поддршка на единиците на земја.

Високата ефикасност на овие проектили уште еднаш беше покажана за време на последниот судир во Сирија каде руската армија учествува во воената операција за кршење на  терористичката агресија во оваа земја. Експертите проценија дека 50% од вкупните загуби¹ што ги претрпеа борците на таканаречената Исламска држава се последица на дејството на хеликоптерите и на тактичките офанзивци вооружени со лансирни контејнери со ненаведувачки ракетни зрна. За време на овие дејствија и понатаму се експлоатираше ефикасниот метод што советските/руските пилоти го употребуваа во Авганистан. Координираната и масовна примена на неуправувачките ракетни зрна, воздушни бомби и автоматски топови создава ефект на „запалена земја“ што беше основниот предуслов конечно да се скрши бројно надмоќниот и упорен непријател.

Постојаната ефикасност не ги „разниша“ руските конструктори

Без оглед на тоа дека овие средства одамна се ставени во вооружувањето, ненаведувачките ракетни зрна се еден од клучните фактори за успех во антитерористичката операција против „псевдокалифатот“ кој зафати сериозна територија на Сирија, но и на соседниот Ирак. Во тоа особено се истакнуваат и нивните летачки платформи кои го употребуваат ова вооружување. Имено, во 2012 година владата на Ирак со Руската Федерација потпиша мошне вреден договор за набавка на современи борбени хеликоптери Ми-28НЭ и Ми-35М. Ирачаните за своите воздухопловни единици нарачаа 28 офанзивни хеликоптери Ми-35М и уште 15 офанзивни хеликоптери од новата генерација Ми-28НЭ. Нивната борбена ефикасност во антитерористичката операција на ирачките сили за безбедност на северот и на западот од оваа земја е оценета како мошне висока. Покрај исклучителниот резултат на фронтот, особено е нагласена нивната борбена жилавост и едноставноста за техничка експлоатација и одржување. Руските машини ги поднесуваат сите климатски услови и терени, заклучуваат ирачките партнери.

Покрај автоматскиот топ со калибар од 30 милиметри со кој посадата на хеликоптерот Ми-28 може да дејствува во која било доба на денот и на ноќта, на овој хеликоптер, исто како и во случајот со хеликоптерот Ми-35М може да се монтираат лансирни контејнери со неуправувани ракетни зрна, со што неговата моќ се зголемува за неколку пати. На овие хеликоптери можат да се монтираат четири „саќести“ ракетни блокови Б8В20-А од кои секој има капацитет од 20 ненаведувачки ракетни зрна С-8 што кога ќе се собере ја дава бројката 80 по еден хеликоптер. За пример, два вакви хеликоптери можат за само неколку секунди да лансираат бура од речиси 160 ракети кои минуваат низ бетонски ѕидови како да се од картон. Тогаш, огромната концентрација детонации на тесен простор произведува своевидна „мелница на коски и месо“, која е составена од неколку десетици, па и стотини илјади гелери. Значи, како и многу години претходно, спрегата на управливото и неуправливото оружје се покажа како идеално решение.

Без оглед на докажаната борбена вредност на неуправливите ракетни зрна, руските конструктори не седат со скрстени раце, ами работат на проекти за нивна модернизација, со што ќе се добијат уште поквалитетни резултати со нивната тактичка примена. На саемот за вооружување DEFEXPO India кој се одржа во 2014 година генералниот директор на компанијата НПО „Сплав“ Николај Макаровец во еден момент од своето излагање рече дека единиците на руската армија почнаа да испорачуваат напредни типови воздухопловна муниција која е наследник на легендарните ненаведувачки ракетни зрна С-8.

Воздухопловната ракета од класата воздух-земја С-80ФП со калибар од 80 милиметри е конструирана како и своите претходници. Универзалната кумулативно-шрапнелна боева глава благодарение на интеграцијата на современата дворежимска запалка ефикасно ќе може да го уништува непријателот кој се наоѓа во скривалишта, но и надвор од нив.

Сепак, постојат и уште неколку значајни разлики кога станува збор за тактичкиот простор во примената на оваа ракета. Имено ефективниот дострел на ракетата С-80ФП достигнува 6.000 метри што е речиси за трипати повеќе од стандардната наведувачка ракета С-8. Една од најважните ставки кога станува збор за зголемувањето на нејзиниот максимален дострел е вградувањето на новиот тип високопотентен ракетен мотор на цврсто гориво кој според своите димензии е значително помал од оној на ракетата С-8. Неговите мали габарити им тргнаа од рака на руските конструктори зашто покрај остварувањето на пробојот во максималниот дострел на ракетата успеаја да ја зголемат и нејзината разорна моќ, така што обратни пропорционално на димензиите на моторот ја зголемија боевата глава за приближно еден и пол пат. Конечниот резултат е таков што нејзината крајна ефикасност е зголемена за импозантни 5-10 пати во однос на стандардните ненаведувачки ракетни зрна.

Пробојно „распрскувачко“ шило

Од првиот момент кога се споменати овие ракети поминаа веќе четири години, а таа во меѓувреме помина низа научни и експериментални тестови. Врз основа на прикажаните резултати руските конструктори и понатаму ја унапредуваа оваа ракета особено кога станува збор за нејзината борбена моќ, која во меѓувреме достигна нов квалитет, така што самата ракета е наречена „Бронебојшчик“ што веројатно имплицира на нејзината зголемена способност да се бори против оклопни и фортификациски цели на непријателот.

Всушност, врз база на ефикасната и релативно евтина муниција која ја претставуваат ненаведувачките ракетни зрна, руските конструктори со развој на проектот С-80АШ добија современи типови воздухопловно вооружување кое според дострелот и својата убиствена моќ и другите техничко-тактички параметри во голема мера ќе ги надмине своите претходници. Тука конечната пресметка е сосема едноставна: ќе се добие технолошки посовршена ракета, во голема мера ќе се намали трошењето на ракетите благодарение на десеткратно поголемата разорна моќ, и конечно, ќе се намали бројот на авионските полетувања, со што ќе се оствари значајна заштеда на гориво и на самото одржување на леталото.

Воените експерти забележуваат дека иновативниот потенцијал кој го демонстрираат конструкторите на руската компанија НПО „Сплав“ е навистина неисцрпен и дека има неверојатни можности. Покрај опремувањето на сопствените вооружени сили, најновата високоефикасна ракета С-80ФП „Бронебојшчик“ секако ќе има и огромен експортен потенцијал.

¹ Началникот на штабот на руската војска во Сирија генерал-потполковник Александар Лапин проценува дека за време на антитерористичката операција која се изведува во оваа земја се ликвидирани околу 65.000 терористи.

Прочитајте уште: Оружје кое вреди злато: За кои три модели руско вооружување треба да се издвојат најмногу пари?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња