Русија и официјално го направи првиот современ турбомлазен мотор за потребите на цивилната авијација

Алексеј Кондратов/Минпромторг
Се работи за еден од најважните и финансиски најкапиталните проекти во историјата на руската индустрија. За реализација на проектот за изработка на моторот ПД-14 се потрошени околу 60 милијарди рубли. Неговото значење е огромно, затоа што врз негова база ќе се направи цело семејство мотори со различна намена - за авиони, хеликоптери но и индустриски капацитети за добивање на електрична енергија.

Новиот руски авионски мотор ПД-14 доби тнр. сертификација на типот од надлежната Федерална агенција за воздушен транспорт (Росавијација). Документот е потпишан од страна на раководителот на агенцијата Александар Нерјадко, соопштил информативната служба на Министерството за индустрија и трговија на Руската Федерација), пренесува информативниот портал Ведомости.ру.

„Добивањето на овој многу важен сертификат ја потврдува подготвеноста на новиот авионски мотор ПД-14 за производство и експлоатација. Можеме да констатираме дека во Русија е направен првиот современ турбомлазен мотор за потребите на цивилната авијација“, изјави министерот за индустрија и трговија на РФ Денис Мантуров, пренесува информативната служба на ова министерство. Следната етапа се однесува на валидација на сертификат на типот за ПД-14 во европската агенција EASA, додава Мантуров. Оваа работа ќе биде завршена 2019 година. Во исто време почна практичното испитување на патничкиот авион МС-21 со новиот мотор ПД-14, рече министерот.

Роковите за техничко комплетирање на новиот мотор на почетокот на овој проект беа синхронизирани со склопувањето на првиот авион МС-21 во корпорацијата „Иркут“. Меѓутоа, првите летечко-технички испитувања се извршени со американските турбомлазни мотори PW1400G кои веќе имаа меѓународен сертификат.

Задачата за развој на првиот руски современ турбомлазен мотор ПД-14 на себе ја презеде компанијата „Авиадвигатељ“ од Пермск, додека неговото производство е планирано во Пермскиот завод за мотори. Двете компании се составен дел на големата корпорација ОДК (Обединет кластер специјализиран за производство на авионски мотори) која се наоѓа во рамките на „Ростех“.

Според податоците од 2016 година, вкупните расходи за развој на новиот мотор изнесуваа околу 60 милијарди рубли (околу 800 милиони евра).

Овој проект е еден од најважните и најкапиталните во историјата на руската индустрија. Се работи за конструирање на првиот домашен воздухопловен мотор од таква класа, проект каков што немаше последниве 30 години. Врз база на моторот ПД-14 се планира развој на комплетна фамилија мотори со различна намена, вклучувајќи го и  ПД-7 кој е наменет за патничкиот авион за пократки релации „Сухој суперџет“, но и на моторот ПД-10В кој ќе го замени украинскиот мотор Д-136 кој пак го движи тешкиот воено-транспортен хеликоптер Ми-26. Врз база на гасогенераторот на ПД-14 можат да се конструираат специјални гасни пумпи, но и гасотурбински електрани со моќност од 8-16 Мвт. Специјалната модификација на овој мотор ќе биде интегрален дел на проектот за новиот воено-транспортен авион Ил-276.

Прочитајте повеќе: Русија ќе изгради најголем амфибиски противподморнички авион

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња