Русија ќе изгради најголем амфибиски противподморнички авион

Вјачеслав Афонин/Sputnik
Нов вид џиновска морска птица ќе патролира на рускиот брег - вооружена со 6,5 тони муниција и најсовремени системи за набљудување. Нејзината мисија: да се лоцираат и неутрализираат непоканетите гости кои демнат под површината на водата.

Се планира воскреснување на советскиот А-40 „Албатрос“ (НАТО кодификација Mermaid (Сирена) и да се врати во редовите на руската војска до почетокот на раните 2020-ти. Ова ќе биде направено за да се исполнат барањата на поморската авијација на Русија за ново летало кое ќе може да патролира по бескрајното крајбрежје на земјата и, ако има потреба, да открива и уништува непријателски подморници.
А-40 е амфибиски авион, што значи дека може да слета и да полета од секаква површина на водата. Го доби прекарот „Албатрос“ поради неговата автономија и способност практично да живее на море, враќајќи се на брегот само повремено.

Дали е тоа птица? Дали е авион? Тоа е...

...амфибиски авион од советско време, дизајниран да лоцира и елиминира непријателски подморници, но никогаш не беше масовно произведуван поради колапсот на СССР. Колку и да звучи банално, но во 1990-те Русија едноставно немаше пари и време за такви „тривијални“ (според денешни стандарди) прашања како надградба на поморската воздухопловна флота.
Денес, сепак, флотата има капацитет да ги спакува сите современи нешта во стомакот на „Албатрос“, кој има распон на крилата од 40 метри и способност да достигне максимална височина од 13 километри. Со опсег на летање од околу 4000 километри, А-40 постојано може да го извидува теренот околу 12 часа пред да се врати во базата за да надополни гориво.
Згора на тоа, оваа 90-тонска птица ќе биде опремена со два моќни Д-30 мотори, кои ќе ѝ овозможат да носи до 6,5 тони противподморничка муниција (за споредба, нејзиниот претходник можеше да носи само 1,5 тони).
Не само тоа, авионот може да биде опремен со сите видови на оружје за борба на воден простор , вклучувајќи ги и самонаведуваните торпеда „Орлан“ кои не оставаат трага (кои можат да целат и на подморници и на површински бродови), противподморнички ракети, длабински полнења, мини, бови за акустична потрага и специјална радио опрема за извидување.
А-40 (цивилна верзија А-42) исто така е погоден за операции за пребарување и спасување со милји далеку од брегот. Амфибијата е толку моќна што може да слета и да полета на бранови високи до два метра. Уште во фазата на конструирање, конструкторите предвидоа инсталирање на систем за полнење гориво во воздух, значително проширувајќи го опсегот на авионот. И покрај тоа што „Албатрос“ не е официјално наменет за долги летови, има сѐ што е потребно за продолжени летови: тоалет, гардероба, па дури и оддел за спиење.

Колку да споменеме, цивилниот роднина на А-40 - Бе-200 - ќе влезе на рускиот воздухопловен пазар.

Амфибиски спасител

Првично, постоеја најразновидни можности за опремување и користење на идното летало. Во еден момент, се водеа преговори и со британската компанија „Ролс-Ројс“ за изработка на мотори за промовирање на моделот на Запад.
Сепак, на крајот, шефовите на руското Министерство за одбрана и Министерството за вонредни состојби одлучија да го дадат производството во рацете на домашните претпријатија за да избегнат да бидат измамени поради променливите политички ветрови.

Според зборовите на воениот дописник на „Известија“ Дмитриј Сафонов, овој потег му помогна на производителот да ги избегне последиците од западните санкции, но истовремено ги ограничи можностите за продажба на авионот во странство.
„Одлуката за производство на BE-200CHS со користење на само руски компоненти го блокира авионот од западниот пазар - снабдувањето со резервни делови ќе го чини купувачот прилично многу. Авионот е наменет за домашниот пазар и за земјите од Југоисточна Азија“, забележува експертот.
Тој вели дека крајната носивост на леталото е 8000 килограми и 12 кубни метри вода (12 тони – Заб. на уред.) носена во резервоари за гаснење пожари.

„Главната карактеристика на амфибискиот авион е неговата способност да ја црпи водата при слетување, да ги наполни резервоарите и повторно да полета. Така што муштерии на Русија ќе бидат земји со широки реки и водни акумулации, бидејќи гаснењето пожари со солена вода ќе ги уништи дрвјата“, додава Сафонов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња