Руски научници успешно разредуваат гориво со вода и тврдат дека е поефикасно од она во чист облик

Global Look Press

Стручњаците на Руската академија на науки тврдат дека мешавината од гориво и вода е далеку поефикасна од горивото во чист облик.

Руските експерти од Обединетиот институт за високи температури на РАН направија мешавина од гориво и вода која може да гори. Според пишувањето на Proceedings of the Combustion Institute, се работи за далеку поефикасна употреба на горивото од она во чист облик. Во текот на истражувањата научниците успеаја да откријат фактори кои на горивото му овозможуваат да гори дури и во случај кога е разблажено со вода во голема количина.

Според сознанијата на соработниците на РАН, согорувањето на емулзијата од гориво и вода има предности во однос на чистото гориво. Во предностите се вброени намалувањето на обемот на потрошувачка на самото гориво и зголемувањето на силата на моторот со внатрешно согорување при висок број на вртежи. Стручњаците во својот експеримент како главна супстанца користеа мешавина од гориво и вода врз база на н-хептан со меурчиња кислород и површински активни материи.

Како што се наведува, утврдено е дека добро горат не само мешавините на јаглеводород, туку и емулзиите кои содржат 87 отсто вода по маса и 95 отсто вода по запремнина. Таквиот резултат е добиен со додавање на површински активни супстанци затоа што без нив преголемата количина вода би можела да го угаси пламенот. Меѓутоа, овие материи ги изолираа зоните на горење од зоните со капки вода, по што беше можно горење при голем масен удел на вода.

Според зборовите на научниците, додавањето на вода во горивото, пред сѐ, придонесува за зачувување на оптималните параметри на цилиндрите на моторот со внатрешно согорување, а притоа не го намалуваат неговиот коефициент на корисно дејство.

Како што се истакнува, дел од горивото во уредите не согорува ефикасно и се троши на ладење на цилиндрите. А тоа, според мислењето на експертите на Руската академија на науки, доведува до прекумерна потрошувачка на гориво. Меѓутоа, со разредување на горивото со вода можат да се избегнат таквите проблеми.

Прочитајте повеќе: Руските хемичари осмислија ново гориво за автомобили

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња