Централниот научноистражувачки институт разви за руската војска нов основен пиштол. Тестирањата на полигон ќе траат до декември, а потоа ќе биде разгледано неговото воведување во вооружувањето, изјави Алберт Баков, генерален директор на институтот, пренесуваат руските медиуми.
Официјалните информации за новиот пиштол се мошне скудни. Во медиумите претходно протече дека пиштолот ќе има подобри карактеристики во уништувањето жива сила од пиштолите „Макаров“ и „Јаригин“.
Прелиминарните испитувања покажаа дека пробива панцирен елек со стандардна заштита.
Полуавтоматскиот пиштол „Макаров“ е развиен 1948 година и воведен во вооружувањето на советската армија 1951 година. Се работи за стандардно оружје во руските Вооружени сили и МВР, како и во бројните поранешни советски републики. Конструкторот Николај Макаров го засноваше на германскиот пиштол „Валтер ПП“ (Walther PP) произведен 1929 година, а кој тој значително го унапреди.
Покрај Русија, пиштоли врз база на ПМ се произведуваа и во Германија (по обединувањето), како и во Бугарија и Кина Свои модификации правеше и Украина, но тоа главно беа травматски пиштоли.
Во главните квалитети на пиштолот „Макаров“ спаѓаат компактноста, прецизноста, сигурноста и едноставноста во ракувањето. Воениот експерт Николај Литовкин изјави дека во овој момент во фаза на државни тестирања се наоѓаат неколку модели стрелечко оружје и дека сите имаа еднакви шанси да го заменат пиштолот „Макаров“ кој е толку омилен во војската.
„Секој од тие пиштоли би можел да стане стандарден за војската на Русија, а многу во моментов се наоѓаат на тестирање меѓу спецназовците, припадниците на десантните единици, тенкистите, пилотите. Фабриките за оружје ги нудат своите производи на Министерството за одбрана, меѓутоа, што ќе одбере војската од тоа е големо прашање“, рече Литовкин.