Петербуршките научници работат над концептот за создавање радиотелескоп на Месечината, изјави директорот на институтот Дмитриј Иванов, пренесуваат руските медиуми.
Објектот во Сончевиот систем кој човекот сега се обидува да го освои е Месечината. Во овој момент сите космички земји активно работат во тој правец. Како и на Земјата, таму ќе ни биде потребна навигација, затоа дојдовме до идејата да поставиме на Месечината радиотелескоп кој ќе ги проучува оддалечените вселенски објекти (квазари) со помош на радиоопсерваторите лоцирани на Земјата, рече Иванов. Според него, добивањето на сигнали од оддалечените вонгалактички објекти и нивната обработка ќе резултира со попрецизни податоци за траекторијата на движењето на Месечината и заедничкото движење на Земјата и нејзиниот единствен природен сателит.
Таа информација ќе биде значајна при реализацијата на сите проекти поврзани со освојувањето на Месечината. Како што истакна Иванов, соработниците на институтот ќе предложат овој проект да се вклучи во наредната вселенска програма на Русија. „Перспективата за реализација на проектот е некаде околу 2030 година. Во овој момент вселенската програма е дефинирана до 2025 година, па неизбежно ќе настојуваме да се вклучиме во наредната“, изјави рускиот научник.