Војската на Индија ќе купи 1770 современи тенкови како замена за застарените советски Т-72, а клучниот кандидат за оваа зделка вредна 4,5 милијарди долари е најновиот руски тенк Т-14 „Армата“, соопштува Тhe Diplomat.
Во статијата се истакнува дека во овој момент началникот на Генералштабот на индиската армија Бипин Рават ја посетува Русија. На посетата се гледа како обид за влевање нова енергија во билатералното стратешко партнерство. Можно е прашањето за набавка на Т-14 „Армата“ да биде разгледано.
Се потенцира дека патувањето на индиската воена делегација предводена од Рават коинцидира со претстојниот руско-индиски самит во Делхи на 4 и 5 октомври, во текот на кој се очекува склучување на одбранбени договори вредни повеќе од 10 милијарди долари.
Во склоп на одлуката копнените сили на Индија да се опремат со модерни тенкови, се проучуваат различни оклопници слични на рускиот Т-14 „Армата“, а меѓу нив се украинскиот „Оплот“ и јужнокорејскиот К-2 „Црн пантер“. Според планот на копнената војска, новите тенкови би морале да бидат произведувани во Индија од страна на приватни компании, во соработка со странски производител.
Притоа статијата потсетува дека воената техника од руско производство ја сочинува основата на оклопно-механизираните единици на копнените сили на Индија.
Се претпоставува дека во текот на посетата на Русија Рават исто така ќе разговара за прашања поврзани со одржувањето и модернизацијата на руската воена опрема која се наоѓа во арсеналот на индиските сили, наведува весникот.