Русите во Тихиот океан испробаа нова противбродска ракета со голем дострел

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Вкупно се лансирани осум ракети врз цели кои имитираа конвој од непријателски воени бродови. Нивниот учинок беше стопроцентен. Летечка платформа претставуваше ловец-бомбардер Су-34.

„Ракетите се истрелани врз комплексни цели кои имитираа група противнички бродови. Вкупно се лансирани осум ракети од класата „воздух-вода“ и сите ги погодија зададените мети“, наведува руското Министерство за одбрана, пренесува интернет порталот РГ.

Х-35-У е противбродска наведувана крстосувачка ракета која е специјално унифицирана за примена од сите средства на руската Воена морнарица. Таа подеднакво ефикасно може да се применува од борбени авиони, јуришни хеликоптери, воени бродови и копнени лансирни платформи (ракетен систем брег-море „Бал“)¹. Нејзиниот ефективен дострел изнесува 260 км. Се работи за нисколетечка ракета која лета на висина од само неколку метри над површината на водата, што ја прави сложен објект за откривање од страна на непријателските радари. Се наведува со помош на активна радарска глава за самонаведување (систем истрелај и заборави). Масата на  распрскувачко-разорната боева глава од пробивен тип достигнува 145 кг. Нејзината експлозија при продирањето во трупот на бродот може да уништи пловило чиј депласман достигнува 5000 тони.

¹ Бал (индекс ГРАУ 3К60, ознака НАТО: SSC-6 «Sennight» (рус. „неделя“) е крајбрежен ракетен комплекс вооружен со противбродска ракета Х-35. Во состав на вооружувањето се наоѓа од 2008 година. Неговата основна намена е ефективна контрола на крајбрежниот појас и заштита на воденото пространство од непријателски пловила. Се користи за заштита на поважни воено-поморски пристаништа, крајбрежни градови, воена и цивилна инфраструктура, како и за одбрана на чувствителни зони од евентуален поморски десант на непријателот. Една лансирна единица е опремена со 8 ракети Х-35/Х-35У сместени во лансирни контејнери. Овие контејнери се наоѓаат на мобилна платформа на тркала МЗКТ-7930. Една батерија на ракетниот комплекс „Бал“ се состои од команден пункт за управување и врска (2 единици), 4 лансирни единици со вкупно 32 ракети и 4 логистичко-транспортни единици со капацитет за уште 32 ракети кои вршат и полнење на лансирните единици.

Погледнете го видеото: Бал со филигранска прецизност