Од претходните верзии на овој тежок пламенофрлачки ракетен систем, најновата модификација се одликува со значајно зголемување на оклопната заштита на ова средство. Така шасијата на овој систем, која е всушност позајмена од ОБТ Т-72, од горната предна и бочните страни е заштитена со плочи со реактивен оклоп. Според пишувањето на информативниот портал РГ, ова унапредување на оклопната заштита ќе може ефикасно да го заштити ова средство од напади со противтенковски ракети, реактивни гранати, па дури и од кинетички поткалибарни проектили кои се истрелуваат од тенковските топови.
Оваа модификација има свое логично образложение, бидејќи овие тешки пламенофрлачки системи не се одликуваат со претерано голем дострел на своите ракети, па со самото тоа се повеќе изложени на непријателски оган од, на пример, повеќецевните ракетни лансери „Град“ кои имаат дострел од преку 20 км.
Унапреден е и квалитетот на гасеничната лента, а исто така е зголемена и силата на основниот мотор која сега достигнува 840 КС. Практично со овие зафати на планот на зголемување на оклопната заштита и мобилноста на орудието, модернизираната верзија на ТОС-1А е според многу параметри унифицирана со основниот борбен тенк Т-72Б3, поточно направена е како средство за непосредна огнена поддршка на тенковите при пробив на клучни точки во непријателскиот фронт.
Покрај сериозното унапредување на оклопната заштита на самото орудие, на военотехничкиот саем „Армија-2018“ беа претставени и карактеристиките на ракетната муниција што ќе ја користи овој систем. Се работи за ракетата со ознака МО.1.01.04М со калибар 220 мм, која ќе биде опремена со термобарична боева глава со зголемено разорно дејство.
Оваа ракета е долга 3,72 метри, а нејзината маса достигнува 216 килограми. Максималниот дострел на ракетата е 6000 метри. Температурниот опсег на нејзината употреба е од -40 до +50 степени Целзиусови.
ТОС-1А веќе има сосем солидно искуство кога е во прашање борбената употреба на овој систем, затоа што „Сонцепјок“ се истакна во Сирија и Ирак. Што се однесува до руската армија, во наредниов период ќе се продолжи со испораката на овие навистина респектабилни копнени борбени средства за огнена поддршка, како и логистичките машини за транспорт на ракети и полнење на лансерите кои им припаѓаат ним.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче