„Бизнис Инсајдер“: Руските падобранци ќе станат уште посмртоносни благодарение на новото летало

V-22 Osprey

V-22 Osprey

Filckr/Marines

Повеќе угледни американски портали, меѓу кои се „Бизнис Инсајдер“ (Business Insider) и „Национален Интерес“ (National Interest), наведуваат дека руската наменска индустрија се впуштила во проект на развој на авиокоптер по пример на американскиот В-22 „Оспри“ (V-22 Osprey). Леталото повеќекратно ќе ги зголеми борбените капацитети на руските Воздушно-десантни сили.

„Во план е производство на летало со подвижни ротори, односно авиокоптер“, ги пренесуваат медиумите зборовите на неименуван извор од руската одбранбена индустрија.

„Очекуваме од нарачателот да ги добиеме бараните детали пред крајот на септември за да можеме да ги почнеме експерименталните работи на леталото“, додава тој, пренесува „Бизнис Инсајдер“.

Инаку военоиндустриската компанија „Ростех“ минатата година соопшти дека работи на развој на летало со подвижни ротори, како и дека неговата финализација се очекува 2019 година.

Леталата со подвижни ротори, односно авиокоптерите се всушност хибриди на хеликоптери и авиони кои се во состојба да летаат како авиони, но да полетуваат и слетуваат како хеликоптери. Најпознатото летало од овој тип е американскиот В-22 „Оспри“ (во буквален превод „орел рибар“) кој го користи Маринскиот корпус. Во состојба е да развие брзина од речиси 500 километри на час.

Авиокоптерите овозможуваат изразена оперативна флексибилност во десантните операции, па американските аналитичари ги загрижува како воведувањето на ваквите летала во арсеналот на руските Воздушно-десантни сили (ВДВ) ќе се одрази на нивните оперативни капацитети.

ВДВ претставуваат елитен сегмент на руските вооружени сили и често претставуваат првите трупи кои Москва ги праќа во проблематичните подрачја, што во советско време се покажа преку примерот со Авганистан, а неодамна и во Сирија, потсетува „Бизнис Инсајдер“. Во Србија особено се паметат по тоа што 1999-та молневито го зазедоа приштинскиот аеродром, блокирајќи го напредувањето на силите на НАТО.

Руските Воздушно-десантни сили во 2010 година броеја 35000 припадници, а познати се и по десантирањето на разновидни оклопни и борбени возила и самоодни хаубици.

Имајќи го предвид сето тоа, доколку руската индустрија навистина почне да произведува авиокоптери, тоа ќе биде смртоносно засилување за ВДВ, предупредува „Бизнис Инсајдер“.

Американските аналитичари особено ги загрижува прашањето колку вооружување ќе носат ваквите летала. „Транспортно летало кое би можело да ги десантира руските трупи на истурена точка, а потоа им дава тешка огнена поддршка, би било од непроценливо значење“, наведува авторот на американскиот портал.

Прочитајте повеќе за враќањето на „Каспиското чудовиште”: Советскиот екраноплан повторно актуелен

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња