Путин им наложи на руските авиоконструктори да направат супериорен ловец со вертикално полетување

Слободан Ѓукиќ

Производството на прототип на потполно ново летало со вертикално полетување е почнато во рускиот воено-индустриски комплекс по налог на претседателот Путин, соопшти во вторникот, 21 август, рускиот вицепремиер Јуриј Борисов.

„Работата на овој проект е интегрален дел од државната програма за вооружување и се спроведува по налог на врховниот командант. Нашите воздухопловни инженери во моментов разработуваат концептуални модели на прототипот на овој авион“, истакна Борисов.

Борисов напомена дека се работи за развој на целосно нов авион кој не е поврзан со никакви модели од претходниот период. „Во секој случај овие проекти се исклучително важни кога е во прашање иднината на руската армија. Ваквите авиони ќе бидат интегрален дел на поморските борбени ефективи кои ќе имаат капацитет да носат авиони, каде е потребно да се усвои потполно ново семејство летала со вертикално полетување. Тоа во огромна мера ќе обезбеди намалување на потребниот простор на носечките платформи за полетување и слетување на авионите“, нагласува Борисов.

Според него, „концептуално новата приказна кога е во прашање развој на овие летала е почната во Министерството за одбрана уште минатата година. Роковите кои го одредуваат оптималниот временски циклус во развојот на ново летало се движат во дијапазон од 7-10 години, по што се тргнува во негово сериско производство и воведување во оперативна употреба“, изјави рускиот вицепремиер.

Некаде во овој период минатата година тогашниот заменик-министер за одбрана на РФ Јуриј Борисов истакна дека рускиот воен врв разгледува со водечките авиоконструкторски компании проект за  развој на борбено летало со вертикално полетување/слетување за примена на перспективниот носач на авиони. Тогаш беше кажано дека новиот авион ќе биде продукт на компанијата „Јаковлев“.

Имено, воздухопловните инженери на оваа компанија кон средината на 70-те години од минатиот век развија повеќенаменски суперсоничен авион-ловец со вертикално полетување/слетување кој ја носеше ознаката Јак-141. Авионот го изврши својот прв лет 1987 година. Претпоставката е дека овој авион требаше да влезе во состав на воздухопловната група која се базираше врз тешките носачи на авиони „Новоросијск“, „Баку“ (подоцна „Адмирал Горшков“), „Тбилиси“ (подоцна „Адмирал Кузнецов“), „Рига“ (подоцна „Варјаг“) и „Улјановск“.

Првото успешно слетување на палуба на носач на авиони Јак-141 имаше 1991 година. Подоцна целиот проект, поради недостиг на финансии, е завршен 2003 година.

Прочитајте повеќе: Дали Јак-141 е „таткото“ на F-35B?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња