Екранопланот е советски и руски апарат кој „лебди“, т.е. лета над рамна површина (море, пустина или мраз) користејќи го аеродинамичкиот облик и отпорот на воздухот кој го создаваат крилата во однос на површината.
Советското раководство му посвети големо внимание на проектирањето на овие машини. Беше замислено тие да бидат темелот на идното војување.
Екранопланот не го гледаат радарите, а подводните мини не му можат ништо.
Тој има и сериозни недостатоци. Повеќето екраноплани не можат да летаат над нерамна површина. Немаат големи маневарски можности, не можат да бидат блиндирани и не можат да носат противвоздушно вооружување, така што се лесен плен за авионите-ловци.
Називот „Касписко чудовиште“ во целост одговара на експерименталниот екраноплан направен 1966 година. Долг е 92 метри, а распонот на крилата му е 77,6 метри. Тоа беше најголемото летало сѐ до 1988 година, кога беше направен авионот Ан-225 „Мрија”. За 15 години „Каспиското чудовиште“ помина цела низа тестирања, а потоа се урна 1980 година. Проектот беше запрен, но послужи како основа за идните екраноплани.
Еден од потомците на „Каспиското чудовиште“ беше десантниот брод „Орљонок“ („Орле“). Тој превезуваше 150 војници и две борбени возила на пешадијата. „Орљонок“ можеше да полета и да се приземји дури и за време на голема бура.
Екранопланите од класата „Луњ“ се појавија 1986 година и исклучително ги заинтересираа американските воени стручњаци.
Овој екраноплан беше долг 73 метри, а можеше да развие брзина на пловење поголема од 500 км/час, т.е. беше нешто како ракетен крстосувач, само пет пати побрз. „Луњ“ беше вооружен со противбродски крстосувачки ракети П-270 „Москит“, така што претставуваше опасност за носачите на авиони.
Производството на екраноплани продолжи и по распадот на Советскиот Сојуз. Проектирани се уште неколку вакви апарати со ограничени можности .
Денес во Русија повторно станува актуелна идејата за производство на тешки повеќенаменски екраноплани за цивилна и воена намена.
Екранопланот „Чајка 2“ („Галеб“) ќе биде завршен 2019-2020 година. Првата „Чајка“ е произведена во текот на 1970-те. Новиот брод ќе биде користен и за цивилни, и за воени цели. Компанијата „Радар ММС“, која го проектираше овој апарат, планира да го извезува „Чајка 2“ во Индија. И тој екраноплан може да биде вооружен со крстосувачки ракети „БраМос“.
„Чајка 3“ е проект на иднината. Не се познати деталите, но се знае дека тој транспортен екраноплан ќе биде потежок од неговите претходници и ќе може да носи 100 тони товар.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче