Ловците на САД од петта генерација ќе мораат да се потрудат за да го совладаат „грациозниот“ Русин

Авион-ловец Су-35 од генерацијата 4++

Авион-ловец Су-35 од генерацијата 4++

Wikipedia
Американскиот интернет портал „Национален Интерес“ ја процени способноста на рускиот ловец Су-35 од генерацијата 4++ да се бори против американските „невидливи“ ловци од петта генерација F-22 „Raptor“ и F-35 „Lightning“. Само удар „преку хоризонтот“ дава надеж за успех, сето останато е под голем знак прашалник.

Во текстот се признава дека рускиот ловец Су-35 според своите севкупни квалитети значително ги надминува стандардите кои се поврзани со борбените авиони од четврта генерација, вклучувајќи го тука и американскиот пандан  F-15 „Strike Eagle“. Исто така, според пишувањето на американскиот весник рускиот Су-35 е посупериорен и од борбените апарати какви што се Eurofighter Typhoon и Dassault Rafale. Меѓутоа, во судир со американските ловци од петта генерација прашање е дали овој авион би имал каква било шанса, наведуваат во текстот американските стручњаци, пренесува рускиот интернет портал „Взгљад“.

Според изворите од американскиот сајт, Су-35 е способен во воздушна борба да употреби ракети од класата „воздух-воздух“ со дострел од 190 км. Се работи за најновата ракета К-77М (создадена врз база на ракетата РВВ-АЕ) која на својата цел се наведува со помош на самонаведувана радарска боева глава. Покрај ракетата К-77М рускиот ловец може да дејствува и со ракети од среден дострел какви што се Р-27, но и со голем дострел Р-37 од кои последнава може да погоди цел на далечина од 300 км. Американските стручњаци се согласуваат дека овие ракети и тоа како можат да бидат опасни затоа што нивниот управувачки блок е многу отпорен на мерките за противелектронска борба.

Најголемата сила на рускиот ловец Су-35 се крие во неговиот „нос“. Тука се наоѓа моќниот радарско-набљудувачки комплекс „Ирбис-Е“ кој се состои од пасивна радарска антенска решетка, како и опто-електронскиот систем ОЛС-35 кој е способен без активација на радарот да забележи и следи воздушна цел на далечина од 80 км. 

„Национален Интерес“ потсетува дека тактичко-техничките можности на радарскиот комплекс „Ирбис-Е“ се исклучителни и дека тој може да открие воздушна цел на далечини поголеми од неколку стотици километри (се оперира со податок дека овој радар е способен да открие воздушна цел на далечина од 400 км). Меѓутоа, кога се во прашање неговите можности против ловците кои имаат „стелт“ карактеристики, неговиот ефикасен домет на детекција се намалува повеќе пати.

Според американските автори, радарите кои се наоѓаат на авионите од петта генерација F-22 „Raptor“ и F-35 „Lightning“ можат да го откријат рускиот ловец на далечина до 160 км што е веројатно повеќе отколку во обратниот случај. Токму во такви ситуации американските авиони имаат предност во однос на Су-35, бидејќи можат порано да го детектираат и нападнат со ракети со голем дострел. Се наведува и тоа дека во услови на блиска воздушна борба Су-35 би бил исклучително сериозен залак за американските ловци, затоа што рускиот авион се одликува со врвни маневарски карактеристики кои се од првостепена важност кога авионите ќе се најдат во зоната на ракетите со краток дострел.

Треба да се истакне дека на небото над Сирија е регистриран воздушен контакт меѓу руски Су-35 и американски F-22 „Raptor“ каде според пишувањето на американските медиуми Су-35 се покажал посупериорен во воздухот во однос на својот соперник.

Прочитајте повеќе: Јапонски експерти: Модернизираниот Су-35 може да стане најдобриот ловец на светот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња