Су-35 – машина што воодушевува и плаши

Фотографии: sukhoi.org.

Фотографии: sukhoi.org.

Демонстрацијата на најновиот руски ловец Су-35С на аеромитингот Paris Air Show 2013 во западните медиуми е прикажан како сензација. Првото претставување на оваа борбена машина надвор од границите на Русија ја воодушеви публиката со низата акробатски фигури што другите борбени авиони не можат да ги изведат. Уште еднаш се покажа дека Сухој и понатаму е еден од најдобрите ловечки авиони на светот.

Стручњаците на конструкторското биро Сухој скромно го вбројуваат Су-35 во генерацијата 4++, но истовремено нагласуваат дека веќе се тестира првиот пандан на американскиот Раптор, односно првиот ловец од петтата генерација. Тоа е таканаречен перспективен комплекс на фронтовската авијација (ПАК ФА) или Т-50. Тој за првпат полета во 2009 година, а сериското производство ќе започне во 2015. Дотогаш Су-35 ќе биде преоден степен за борбените пилоти кои се запознаваат со техниката од новата генерација. Впрочем, терминот „преоден“ не ја прикажува во целост вредноста на новата машина. 

Суперманеварски и суперсоничен

И ловецот Су-30МКИ, претходник на новиот авион Су-35, има суперманеварски карактеристики кои во целост ги користат индиските пилоти во заедничките воени вежби со военото воздухопловство на САД и на други земји. На една таква вежба индиските пилото буквално ги декласираа Американците кои летаа на F-15C/D. По завршувањето на вежбата, американскиот генерал Хал Хомбруг, шеф на службата Air Combat Command на военото воздухопловство на САД, беше принуден да изјави дека американските пилоти се крајно изненадени од резултатите од вежбата и додаде: „Ние не сме толку понапред од целиот свет колку што мислиме. Рускиот ловец Су-30МКИ е подобар од основниот американски ловец F-15С. Воените воздухопловства на земјите кои ги поседуваат овие машини се во определена предност и во иднина можат да ја загрозат американската доминација во воздухот“, ги пренесува зборовите на генералот USA Today. Како што излезе „Русите“ подобро маневрираа од Американците и гледаа подобро и подалеку од нив, а тоа значи дека први ја погодувале целта.

Демонстрација на најновиот руски ловец Су-35С на аеромитингот Paris Air Show 2013. Извор: ТВ „Звезда“. 

 

Ние не сме толку понапред од целиот свет колку што мислиме. Рускиот ловец Су-30МКИ е подобар од основниот американски ловец F-15С. Воените воздухопловства на земјите кои ги поседуваат овие машини се во определена предност и во иднина можат да ја загрозат американската доминација во воздухот.

 

генерал Хал Хомбург

шеф на службата Air Combat Command на военото воздухопловство на САД

За суперманеварските особености на Су-35 освен трупата, заслужен е и моторот. Според Евгениј Марчуков, директор на програмата за изработка на 117С на научно-производното здружение „Сатурн“, моторот е конструиран на база на моторот АЛ-31Ф кој се вградува на авионите Су-27, но од нив се разликува со поголемиот притисок (14,5 наспрема 12,5 тони) [...], со поголемиот резервоар и со помалата потрошувачка на гориво“. Тоа на машината ѝ дава само поголема брзина и маневарски карактеристики, туку и можност да носи повеќе оружје. Токму овој мотор ќе се вградува во првите сериски ловци Т-50. Тој уште се нарекува и мотор на „првата етапа“. Сè уште се работи на моторот на „втората етапа“, кои на ловците Т-50 ќе им овозможи во целост да му се приближат на американскиот F-22. Но, како што во Бурже истакна Марчуков, и тој мотор е практично завршен. 

Сергеј Богдан, тест-пилот на конструкторското биро Сухој, вели дека Су-35 за време на првиот лет бил следен од Су-30МК и тоа овозможило да се спореди притисокот на моторот на едниот и на другиот модел. Су-35 е забележливо побрз од своите претходници. Според тест-пилотот, ова е мошне сериозна предност на новиот авион, која на борбениот пилот му дава поголеми можности во воздушната борба. 

Очи и уши од петтата генерација 

И пилотската кабина на ловецот Су-35 ѝ припаѓа на петтата генерација. За разлика од Су-27, во неа не постојат аналогни уреди. Тие се заменети со два ЛЦД екрани во боја. На нив, како на обичен телевизор, во режимот „слика во слика“, се прикажуваат сите информации што му се неопходни на пилотот. Тој може да го вклучи режимот за тродимензионален приказ на состојбата, односно на релјефот и на распоредот на целите – сето ова е како во компјутерска симулација на лет. Дел од овие информации можат да бидат прикажани на заштитното стакло од пилотскиот шлем.

Хидродинамичкиот пренос е заменет со електронски команди. Ова, според конструкторот, ќе овозможи „паралелна“ (далечинска) контрола на управувањето со леталото. Во практика ова значи дека улогата на пилотот станува помалку забележлива, односно компјутерот решава со која брзина и во кои режими авионот ќе ѝ се приближува на целта и во кој момент на пилотот ќе му биде дозволено да примени оружје. Човекот не може да донесе ниту една погрешна одлука, зашто компјутерот едноставно му го оневозможува управувањето и му укажува каде згрешил. Дел од сложените акробатски режими ги извршува исклучиво компјутерот. Тој води сметка и за тоа како се чувствува пилотот. Ако пилотот од која било причина не е способен да управува со леталото, компјутерот автоматски ќе го катапултира. 

На Су-35 за првпат му е поставен најновиот руски навигациски комплекс БИНС. Тоа е електронски и механички уред без кој ниту еден ловечки авион денес не може да се смета за модерен. Негова задача е да ги собира и да ги анализира сите информации поврзани за летот и да овозможи полетување и враќање на авионот на својот аеродром. БИНС функционира во корелација со приемниците GPS и ГЛОНАСС, но може да работи и без нив. 

Освен тоа ловецот поседува и перспективен радарски систем, конструиран специјално за Т-50. Сличен радар денес има само F-22. Благодарение на него Су-35 гледа сè што се случува во воздухот и на земјата на оддалеченост од неколку стотини километри. Ловецот може да следи 30 цели, а на 10 истовремено може да цели и, според конструкторот, на сите 10 може истовремено да гаѓа, фрлајќи ракети во форма на ладало. 

Фаворит без конкуренција 

Во создавањето ловец од петтата генерација Русија заостанува зад САД. Американскиот F-22 веќе одамна е влезен во употреба. Но, врз основа на сегашниот Су-35, ловецот од претходната генерација 4++, може да се претпостави колку подобар од него ќе биде рускиот Т-50. Токму поради тоа на Москва ѝ беше толку важно да го покаже Су-35 во Бурже. Причините се и политички (воено-техничко натпреварување со Вашингтон), но и чисто економски. 

Ниту Т-50, ниту, пак, F-22, нема да биде стока за извоз. Еден Раптор чини 133.1 милион американски долари, а рускиот Т-50 е малку поевтин, но и тој е сепак премногу скап. Но, Су-35, како и неговите претходници од четвртата генерација, чинат 30 до 38 милиони американски долари, односно тие се одличен артикл за извоз со налепница (генерација 5 минус“. Целната група, пак, се главните купувачи на руските ловци од марката „Су“: Кина, Индија, Малезија и Алжир. А, ако се земе предвид технологичноста на новите летала, Москва може да претендира и на пазарите во Бразил и во Јужна Кореја, зашто Су-35 е подобар од сите други европски ловци од генерацијата 4+, како што се Rafale и Eurofighter-2000 или модернизираните американски ловци од типот F-15, F-16 и F-18, и може успешно да им се спротивстават на ловците од петтата генерација F-35 и F-22. 

Во секој случај, Су-35 е последен и најсовршен ловец на генерацијата авијатичка техника која е во заминување.

Су-35С

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња