Воздухопловната хиперсонична ракета „Кинжал“ најверојатно ќе влезе во оперативното вооружување на руската армија веќе од 2020 година. Во тек се нејзини интензивни тестирања, пренесува американската Си-Ен-Би-Си, повикувајќи се на информации собрани врз основа на извештаите на тајните служби.
Според изворите на ТВ-каналот Си-Ен-Би-Си, перспективните ракети од класата „воздух-земја/воздух-вода“ „Кинжал“ досега имале вкупно 12 експериментални тестирања, а руските конструктори во последно време ја фокусирале својата работа на интеграција на овие ракети на суперсоничните бомбардери со голем долет Ту-22М3. Покрај овој авион, „Кинжал“ ќе може да носи и специјално модернизираната верзија на ловецот-пресретнувач МиГ-31К.
Си-Ен-Би-Си соопштува дека Русите во близок временски период испитале три ракети „Кинжал“, од што последната активност е забележана овој месец, кога ракета успеала да погоди цел на далечина од 800 км.
Претходно овој медиум објави дека хиперсоничниот систем „Авангард“ исто така ќе биде оперативен до 2020 година.