Њу Делхи верува дека прашањето на заедничка соработка со Русија кога е во прашање развојот на ловец од петта генерација врз база на рускиот Су-57 (ПАК ФА) сѐ уше не е затворено, изјави високопозициониран извор од Индија, пренесуваат медиумите.
Според пишувањето на Press Trust of India, меѓу Москва и Њу Делхи постојат несогласувања по повод поделбата на трошоците, како и по прашањето на бројот на авиони кои треба да бидат направени во рамките на проектот, изјави високопозиционираниот функционер од Индија. Како што се наведува, Индија смета дека цената на развојот и производството на ловец од петта генерација е превисока, но е подготвена да го продолжи учеството во проектот доколку условите за распределба на трошоците меѓу учесниците бидат ревидирани, што Њу Делхи веќе ѝ го соопшти на руската страна.
Според зборовите на високопозиционирани извори од Индија, иако решение за проблемот не постои, вратите на тој проект сѐ уште не се затворени. Според информациите на индиската страна, вкупната вредност на развојот и производството на нов ловец базиран на руски Су-57 се проценува на 30 милијарди долари.
Индија, инаку, кон крајот на април официјално објави дека излегува од програмата FGFA (Fifth Generation Fighter Aircraft) која треба заеднички да се реализира со Русија. Од Организацијата за одбранбени истражувања и развој на воениот ресор на Индија стигнуваа изјави дека Русија наводно нема развиена технологија за авион од петта генерација.