Најскапото руско оружје на иднината

Ту-160

Ту-160

Сергеј Кривчиков/Global Look Press
Овие системи наскоро ќе станат најубиственото оружје, но само доколку властите бидат подготвени да потрошат куп пари.

Ова се двата најскапи проекти на руското вооружување кои се очекуваат со најголемо нетрпение. Тие веќе ги зацврстија позициите на Русија како светска воена суперсила, но исто така можат да бидат и најголемото оптоварување за рускиот воен буџет.

Најголемиот носач на авиони на светот

Руската војска усвои концепција за изградба на најголем носач на авиони на светот со големина од три фудбалски терени.

„Шторм“ ќе биде направен како класичен носач на авиони, што значи дека на палубата нема да има дополнително вооружување освен ловци и бомбардери. Бродот ќе го штити цела ескадра воени бродови и подморници.

Проектот го носи називот „Шторм“ и ќе ја чини земјата од 350 милијарди до билион рубли (од 6.15 до 17.5 милијарди американски долари) во зависност од конструкцијата на бродот.

За разлика од носачот на авиони „Адмирал Кузнецов“ кој Русија сега го поседува, новиот брод ќе биде класична „пловечка воздухопловна база“, што значи дека нема да има ракетни системи и системи за ПВО, ами само голем број (најмногу 90) ловци и бомбардери на палубата и под неа.

Згора на тоа, изградбата на овој брод ќе биде стимуланс за инвестирање во воено-поморската инфраструктура ширум Русија со оглед на тоа дека на таков морски џин му се потребни поинаков вид пристаништа и опслужување.

Два нуклеарни мотори РИТМ-200 ќе му помагаат на „Шторм“ да развие брзина од 300 јазли (30 милји или 55 километри) на час. Депласманот на бродот ќе изнесува 100.000 тони, а газот ќе му биде 11 метри. Екипажот ќе изнесува 4.000 луѓе.

Треба да се истакне дека таков брод мора да го следи група од најмалку 10 бродови и неколку подморници. Тие ќе го штитат носачот на авиони во неговата пловидба ширум светот.

„Шторм“ треба да биде врвен брод кој би го посакала дури и американската флота со нејзините 11 најдобри носачи на авиони на светот.

Дали ваквиот џин ќе почне да се гради, ќе се знае за неколку години, кога руската влада ќе излезе на крај со последиците од економските санкции и од економската криза.

Стратешки бомбардер од нова генерација

Најкрупниот „грабливец“ на руското воено воздухопловство треба да се појави на сцена на почетокот од триесеттите години од овој век. Тоа ќе биде најскапиот и најисчекуваниот проект на руската авијација вреден милијарди долари. Станува збор за моделот ПАК ДА – првиот авион од овој вид.

ПАК ДА ќе биде опремен со високопрецизно оружје кое во овој момент се прави, вклучувајќи и хиперсонични ракети.

Новиот авион ќе биде дел од нуклеарната тријада и на тоа место ќе го замени сегашниот Ту-160М2.

„Тој ќе биде направен од композитни материјали кои ќе го кријат од непријателските радари и ракети. Покрај тоа, се очекува дека овој авион ќе може да лета во блискиот космос, односно на висина каде не може да го дофати ниту една денешна противавионска ракета“, вели за Russia Beyond-Македонија Дмитриј Сафонов, поранешен воен аналитичар на весникот „Известија“.

Најважно е, споменува експертот, тоа што ПАК ДА како систем за нуклеарно одвраќање ќе може да испукува интерконтинентални ракети на непријателот без да го напушта воздушниот простор на својата земја.

„Новите хиперсонични ракети, како и наведувачките и ненаведувачките бомби кои се прават специјално за овој бомбардер ќе бидат скриени во трупот на авионот, што дополнително ќе придонесе за негова помала забележливост на непријателските радари“, истакнува експертот.

Според тоа, ПАК ДА ќе биде опремен со сите видови современи и перспективни нуклеарни и обични бомби: противоклопни, касетни, бомби за пробивање бункери, морски мини итн.

Според проектот, новите авиони нема да служат само како стратешки бомбардер и ракетен носач, ами и како платформа за лансирање космички апарати.

Повеќе детали за функционирањето на овој систем ќе бидат познати по 10 години кога ќе биде тестиран првиот примерок на авионот ПАК ДА.

Дознајте За кои три модели руско вооружување треба да се издвојат најмногу пари?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња