Како што не се заборава првиот бакнеж, така и првиот скок со падобран претставува настан кој засекогаш останува во сеќавањата на секоја падобранец. Руските падобранци во својата војничка кареиера во служењето во мошне сложениот род на војската како што е ВДВ започнуваат со падобранот Д-1. Поради својата тежина која изнесува 17.5 килограми и димензиите на отворена падобранска купола, овој падобран во руските единици се споредува со големото листопадно дрво Бука. Во времето на СССР ова бил најмасовниот падобран кој се користел за време на обуките и на првите скокови на младите падобранци, а тоа важи и до денес.
Главните одлики на овој падобран се едноставноста и сигурноста за време на примената што во суштина е и најважно за еден падобранец. Минималната висина од која може да се приземји падобранецот кој во својата опрема го користи овој падобран изнесува само 150 метри од земјата. Средната брзина на паѓањето не надминува 5 метри во секунда, додека хоризонталната брзина на време на лебдењето не е поголема од 2.5 метри во секунда.
Се смета дека падобраните со тркалезна купола се практично неуправливи. Но, современата модификација на овој падобран која ја носи ознаката Д-15У има специјални прорези на куполата кои му овозможуваат на падобранецот колку-толку да може да маневрира по хоризонтала додека паѓа на земја.
Популарната „десетка“ претставува основен падобрански систем кој се наоѓа во единиците на ВДВ. Д-10 е наменет како за тренинг, така и за борбени падобрански скокови. Неговата конструкција овозможува десантирање на падобранецот со целосна воена опрема од практично сите воздушно-транспортни платформи како што се авионите Ил-76, Ан-22 и Ан-26, вклучувајќи го тука и „Кукурузник“ Ан-2, како и воено- транспортните хеликоптери Ми-8 и Ми-26.
Кај овој падобран единствено ограничување во неговата употреба е максималната дозволена тежина на падобранецот со опрема со чија помош се спушта, а која не смее да биде поголема од 150 килограми. Максималната висина од која со помош на Д-10 може да се изведе скок изнесува 4.000 метри, а минималната 200 метри. Во зависност од висината од која се изведува скокот, падобранот може да се активира веднаш по напуштањето на воздухопловот или со „задршка“ за време на слободен пад.
При масовното десантирање може да се види како падобранците кои го напуштаат воено-транспортниот авион Ил-76, неколку секунди се практично во фаза на слободен лет каде наместо големите куполи се гледа мал стабилизирачки падобран кој им трепери зад грбот. По три секунди падобранецот го повлекува прстенот и го активира ранецот со основниот падобран. Доколку од некаква причина падобранецот го пропушти ова дејствие (технички проблем или едноставно блокада поради страв), се активира автоматскиот осигурувач коj тоа го прави наместо него.
Првиот куполно-крилест падобран се појави во воздушно-десантните единици на руската војска во облик на падобрански систем за специјални намени „Арбалет-2“. Негова главна карактеристика е управливоста на летот за време на десантот со чија помош падобранецот може да се спушти на точно определена локација за приземјување.
„Арбалет-2“ овозможува безбедно изведување десант со тежина и до 150 килограми и температурен опсег од -35 до +35 степени според Целзиус, при скокање од авион кој лета со брзина од 350 километри на час. Важно е да се нагласи дека главниот и помошниот падобран кои се наоѓаат во опремата на падобранецот се наоѓаат во ист ранец и дека се идентични според својот изглед и според карактеристиките. Конструкцијата за прикачување дополнителна опрема од предната страна на ранецот овозможува додавање дополнителна тежина до 50 килограми која се наоѓа во посебен контејнер со автономен падобрански систем УФКПС-50.
„Арбалет-2“ главно се користи во рамките на извидувачко-диверзантските и специјалните единици на ВДВ.
Ова е уште еден руски падобрански систем за специјални намени. Токму како „Арбалет-2“ и тој се состои од две куполи-крила (основна и помошна) кои се наоѓаат во заеднички контејнер.
Негова основна намена е изведување падобрански десант на специјалните борбени единици од височина од 400 до 8.000 метри. Максималната брзина на воздухопловната платформа од која скокаат падобранците е ограничена на 350 километри на час. Системот за закачување кај овој падобран исто така дава можност за додавање товарен контејнер/ранец кој се наоѓа на предната страна на падобранот, како и можноста за носење вооружување и друга падобранска опрема ако е тоа потребно.
Треба да се спомене дека овој падобрански систем овозможува скок во тандем. Ова е мошне важна функција која се употребува во итни случаи, кога, на пример, на непристапен терен е потребна брза интервенција на спцијалисти-лекари кои немаат искуство со падобрански скокови. Исто така може да се примени и на останатите единици за посебна намена во рамките на војските кои немаат падобранско искуство, како што се специјалистите на наведување на ловечко-бомбардерската авијација, артилериски оган и слично.
Денес овој падобрански систем главно се користи во специјалните единици на МВР на Русија – Росгвардија. Конкретно се употребува во падобранско-десантна обука на специјалците кои се наоѓаат во составот на 604 Центар за специјални намени „Витези“.
Заедно со падобранскиот систем Д-14 „Шелест“ во Русија е осмислен и направен уште еден систем за потребите на специјалните единици од составот на ВДВ. Станува збор за падобранскиот систем „Штурм“ со кој падобранците можат да десантираат од височина од само 70-80 метри.
За разлика од стандардната опрема, падобранскиот систем „Штурм“ не поседува ранец со падобран. Куполата на падобранот е спакувана во посебна вреќа која се наоѓа под секој падобранец на специјална гондола во внатрешната страна на воздушната платформа (авион или хеликоптер), За време на напуштање на леталото падобранецот со својата тежина ја активира оваа вреќа од која излегува куполата на падобранот која практично веднаш се отвора.
Главната намена на овој падобран е максимално скратување на времето на десантот. Една од тактичките варијанти кога овој падобран ефикасно може да се употреби е десант на добро утврдени позиции на непријателската одбрана, непосредно по воздушен напад или артилериска подготовка. На пример, оваа тактика најдобро може да се опише за време на употребата на воено-транспортниот хеликоптер Ми-8АМТШ во кој се наоѓа група падобранци. По дејствието со наведувачки ракетни зрна по позициите на непријателот, практично во ист прелет по него, од мошне мала висина, се десантира група од десетина падобранци кои ги уништуваат останатите непријатели и ја заземаат позицијата.
Треба да се нагласи дека падобранскиот систем „Штурм“ сѐ уште се наоѓа во оперативниот состав на ВДВ и дека е во тек негово детално тестирање. Поради својата специфичност, конечната одлука за неговиот прием во вооружувањето бара потврда во реални борбени услови.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче