Падобранци добиваат нова генерација оклопен автомобил „Торос“

Артјом Коротаев / ТАСС
Руската компанија Intrall ја претстави унапредената верзија на оклопниот автомобил „Торос“ кој е специјализиран за учество во падобрански десант. Освен ова возило, инженерите на оваа компанија во соработка со фабриката за моторни возила УАМЗ, развија и концепт за перспективно тешко оклопно возило „Колун“.

„Торос“ го карактеризира мошне модерен и робустен дизајн, и на прв поглед доби високи оценки од страна на публиката, па и од авторот на овој текст. Станува збор за нов концепт на семејството на руски оклопни возила од типот „Торос“. Тој уште во мај 2014 година за првпат е претставен на пошироката руска публика, заедно со својот нешто поголем и потежок парник „Колун“. За него особено се заинтересирани единиците за специјални намени во рамките на руската војска и Росгвардијата.

Специјалните единици го сакаат „Торос“ во својот состав

Модернизираната верзија на „Торос“ за разлика од првобитната има добиено унапредена оклопна заштита од гелери и стрелечко оружје. Овој тип возила за последен пат ѝ е претставен на стручната јавност за време на одбележувањето на Денот на Воено-десантната војска. Како што рече и самиот производител, станува збор за десантна варијанта за огнена поддршка на трупите ВДВ. Значи, ова возило е предвидено да се десантира од воено-транспортен авион Ил-76 и заедно со излезените падобранци максимално да ја прошири воздушно-десантната основа за прием на тешка техника и логистика која по правило стигнува со следните падобрански бранови.

Освен единиците ВДВ замислена е и верзија која би била компатибилна со единиците на Росгвардијата (специјална платформа за антитерористички операции).

Борбена намена и техничко-тактички карактеристики

Оклопниот автомобил „Торос“ е наменет за превоз на војниците за специјална намена со лично вооружување и со неопходна опрема. Концепцијата на возилата подразбира развој на повеќе варијанти, од борбени, транспортни, медицински, па сè до возила за цивилни потреби. За време на своето прво прикажување на руската јавност „Торос“ беше прикажан во 3 верзии: како основно борбено-транспортно оклопно возило, како командно возило и како специјално санитетско возило.

„Торос“ е долг 5.1 метри, неговата широчина е околу 2.5 метри, а висината оди и до 2.4 метри. Неговата тежина во зависност од варијантата на возилото може да достигне до 6.8 тони и повеќе. Погонскиот агрегат е составен од турбодизел-мотор со сила од 136 коњски сили, кој ги има сите карактеристики на стандардот за Еуро-4 моторите. Овој мотор му овозможува максимална брзина од околу 100 километри на час. Трансмисијата се состои од мануелен менувач кој има 5 брзини, а секое тркало има независно „бесење“ (погон 4х4). Капацитетот на резервоарот и потрошувачката на моторот му овозможува совладување на оддалеченост од 1.000 километри без дополнување гориво. Исто така „Торос“ има и амфибиски карактеристики, односно може да совладува водени препреки.

Естетски модерен дизајн, но цврст оклоп

Оклопната заштита на перспективниот оклопен автомобил „Торос“ е со иницијална еквиваленција на ниво од 3 стандарди STANAG 4569. Предните делови на автомобилот се покриени со современ оклоп со дебелина од 14 милиметри, додека страничните и задниот дел се прекриени со оклоп со дебелина од 12 милиметри. Оваа оклопна заштита е сосема доволна за да ја заштити посадата и агрегатите во самото возило од муниција со калибар 7.62х51 милиметар на НАТО. Освен тоа, оклопот со вакви карактеристики може да ги запре гелерите кои се распарчуваат по експлозија на гранати со калибар од 155 милиметри на далечина од 80 метри од возилото. Долниот дел на возилото е исто така зајакнат со оклопна плоча која обезбедува неутрализација на експлозија со еквивалент од 6 килограми ТНТ. Се претпоставува дека најновата верзија на „Торос“ која е претставена за време на празникот на ВДВ има 4/5 степен оклопна заштита STANAG 4569.

„Торос“ е проектиран да може да превезе до 10 војници со целосна воена опрема. Тој во оваа смисла има 2 реда со по 3 места за седење, во предниот и во средниот дел на возилото, додека во задниот дел на возилото се наоѓаат 4 дополнителни места. Неговиот транспортен капацитет изнесува 1 возач + 9 војници. Повеќенаменската конструкција на возилото има потенцијал за развој на цела плејада специјални варијанти за буквално секој род на војската. Во секој случај, врз основа на дизајнот „Торос“ спаѓа  во возилата кои имаат светла перспектива во руските вооружени сили. Но, во Русија конкуренцијата на ова поле е појака од кога и да е, така што е неблагодарно да се прогнозира само врз основа на дизајнот и на неговиот максимален дострел.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња