Американскиот весник „Нешионал интерест“ го објави својот најнов материјал во кој ги разгледува можностите на перспективниот руски ракетен систем за противвоздушна и противракетна одбрана (ПВО-ПРО) С-500 „Прометеј“. Во материјалот се вели дека според своите вкупни техничко-тактички карактеристики, овој систем ќе биде мошне посупериорен од останатите ракетни системи за ПВО во светот, особено кога станува збор за хоризонталните и за вертикалните параметри на зоната на неговата ефикасност.
С-500 „Прометеј“ нема да биде исклучиво специјализиран за пресретнување балистички цели и сателити чии траектории се наоѓаат на голема височина. Тој покрај овие свои мошне важни карактеристики ќе има и можност да води борба против класични воздушни цели како што се авионите и хеликоптерите, каде особено слатко ќе му дојдат таканаречените „невидливи“ авиони. Значи, ќе станува збор за еден универзален систем кој ќе има можност да се бори против комплетен спектар на воздушни цели без оглед на нивните брзински карактеристики и патеката на летот. Иако засега нема јасни потврди за можностите за перспективен руски систем, поточно за него нема многу релевантни податоци, западните експерти се сепак сигурни дека Русија е на прагот да развие ракетен систем за ПВО-ПРО кој ќе може да води борба против цели кои летаат на исклучително големи височини.
Пред извесно време американскиот телевизиски канал Си-Ен-Би-Си успеа да дојде до доверливи податоци кои се однесуваат на испитувањата на овој систем кога станува збор за далечината на пресретнувањето на целта. Имено, за време на ова испитување ракетата која е лансирана од перспективниот руски систем за ПВО/ПРО С-500 успеала да пресретне воздушна цел на оддалеченост од импресивни 481 километар, што е за дури 80 километри повеќе во однос на претходниот тест.
Со оглед на тоа што станува збор за универзален систем кој ќе може да се спротивстави практично на сите познати воздушни објекти, тој во своето вооружување ќе има неколку видови ракети. Конкретно, тука ќе се најде ракетата со ознаката 48Н6 чија маса достигнува 2.0000 килограми. Оваа ракета ќе се употребува против цели кои се движат во радиус до 240 километри од позицијата на системот. Втората ракета ќе ка носи ознаката 40Н6. Станува збор за двостепена ракета за гаѓање воздушни цели на оддалеченост и до 400 километри. Како трета ракета се споменува моделот 9М100 што го развива концернот „Алмаз-Антеј“. Оваа ракета во однос на претходните има практично минијатурни димензии (едностепена ракета) и ќе се употребува за борба против суперманеврирачките цели што се наоѓаат во зоната на кус дотрел (според техничко-тактичките карактеристики ќе одговара на ракетите кои се лансираат од системот „Тор“). Секако, благодарение на своите компактни димензии најверојатно и транспортно-лансирната единица ќе има мошне поголем број вакви ракети во своите борбени багажници.
Меѓутоа, на западните аналитичари им се особено интересни ракетите 77Н6-Н и 77Н6-Н1 кои го претставуваат самиот „врв“ на руската ракетна технологија. Проценките се дека овие ракети ќе бидат во состојба да ја погодат непријателската цел на оддалеченост од 600 километри. Нивниот аеродинамички облик и огромниот потисок на ракетните мотори ќе ѝ овозможат на оваа ракета високи хиперсонични параметри на брзина на целиот пат. Експертите веруваат дека овие ракети ќе бидат во состојба да пресретнат цели кои летаат со брзина која е дури 20 пати поголема од брзината на звукот!
Значи, може да се заклучи дека С-500 „Прометеј“ во себе ќе содржи цела палета ракети кои се различни според својата основна намена и според карактеристиките, и кои на овој систем ќе му овозможат самостојно да ги покрие практично сите зони на противвоздушна одбрана (од кратки, па сѐ до ултраголеми далечини и височини).
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче