Потенцијални проблеми кои можат да ја загрозат перспективата на рускиот „Терминатор“

БМПТ "Терминатор"

БМПТ "Терминатор"

Слободан Ѓукиќ
Во рамките на руското Министерство за одбрана веќе десет години се водат исцрпни дискусии помеѓу приврзаниците на овој концепт и неговите критичари кои сметаат дека ова возило е непотребен и премногу скап проект. Какви се навистина перспективите на рускиот „Терминатор“ и дали ова возило ќе стане составен дел на руските оклопни единици, дознајте од анализата на експертите.

Експерименталната партија од 10 возила БМПТ „терминатор“ најдоцна до крајот на оваа година (се споменуваат третиот и четвртиот квартал на 2018) ќе влезе во составот на 90 гардиска тенковска дивизија која се наоѓа во градот Чебаркуљ на југот од Русија во близина на државната граница со Казахстан. Ваквиот концепт на борбено возило долго време немаше поддршка во извршните структури на Министерството за одбрана. Дали БМПТ „Терминатор“ за време на својот престој во оперативна единица каква што е деведесеттата конечно ќе им ја „затне“ устата на неговите критичари и ќе стане дела од препознатливите борбени машини на руската армија, погледнете во продолжението на текстот што го подготвивме за вас.

Првите количества пробни борбени возила за поддршка на тенкови БМП „Терминатор“ со еквивалент на тенковска чета во следните месеци ќе стане составен дела на 90 гардиска тенковска дивизија на ЦВО каде детално ќе се тестираат неговите технички карактеристики, но и способноста за интеракција со останатите оклопни борбени средства кога станува збор за „сувата“ тенковска тактика. Претходно командантот на ЦВО генерал-потполковник Александар Лапин истакна дека во неговите оклопни единици првиот „Терминатор“ ќе се појави најдоцна до крајот на 2018 година.

Терминатор-2

„Усвојувањето на ова возило во вооружувањето не беше мошне лесно“, споменува високопозициониран извор од рускиот воено-производствен комплекс. Според него, тестирањето на „Терминатор“ започнало пред повеќе од една деценија (во 2007 година), но на војската ѝ треба доста време за да дојде до заклучок за тоа како и на кој начин тактички да го интегрира ова средство во оклопните единици на руската армија. Во рамките на Министерството за одбрана водени се исцрпни дискусии помеѓу поддржувачите на овој концепт и неговите критичари, сè дури тежината не премина кон онаа струја која се залагаше за негово усвојување во вооружувањето.

„За навремено да може да се откријат и да се лоцираат сите цели ко можат да бидат опасни за тенковите и за останатите борбени средства, како што се на пример положбите од преносните противтенковски ракетни системи, БМПТ „Терминатор“ мора да поседува квалитет кој ги надминува основните борбени тенкови кога станува збор за набљудување на боиштата“, истакнува главниот уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски. Но, средствата за набљудување, како и системот за управување со огнот кој е интегриран на БМПТ „Терминатор“ по ништо не ги надминува уредите кои се составен дел на денешните основни борбени тенкови. „Ние на тенковите имаме уреди со слични карактеристики, како што е панорамски нишан, термовизиски модул и така натаму, што не му носи никаква предност на „Терминатор“ кога станува збор за брзината на откривање на целта“, вели Мураховски. Гледајќи го степенот на огнената моќ, борбениот тенк и тука го надминува БМПТ, споменува стручњакот. Тој поседува тенковски топ со калибар од 125 милиметри кој користи различни типови муниција, вклучувајќи и наведувачки противтенковски ракети кои се исфрлаат од тенковските цевки. Ова ракета за разлика од „Терминатор“ се наоѓа во самиот тенк (заштитена е со оклоп)., додека кај него тоа не е случај (ракетите на БМПТ се наоѓаат на откриен борбен модул во контејнери). Значи, БМПТ „Терминатор“ изискува речиси двојно поголем екипаж од основниот борбен тенк како што е на пример Т-73Б3 или Т-90А. За борбено функционирање на Терминатор“ потребни се дури пет члена на екипажот, додека кај тенковите овој број е одамна ограничен на три члена. „Јас навистина не знам какви предности има БМПТ во однос на тенкот за да се оправда неговото производство“, категоричен е Мураховски.

Ангажирањето на толку луѓе за опслужување на едно средство кое според своите техничко-тактички карактеристики никако не може да претставува основно ударно оружје во оклопните единици како што се на пример тенковите, е навистина непотребно. Згора на тоа, сите екипажи во руската армија кои управуваат со оклопни борбени средства се наоѓаат во професионален работен однос, така што тоа ќе доведе и до натрупување на трошоците за време на употребата на овие возила. „Кога ќе се собере сè, БМПТ на крајот излегува поскап од самиот тенк. Тоа е луда работа“, нагласува Виктор Мураховски.

„Кога станува збор за надминувањето на повеќегодишната пат-позиција и преломувањето во корист на Терминатор, тука најмногу помогна Сирија“, изјави анонимен извор од воено-производствениот комплекс. Според него, неколку Терминатори се испратени во зоната на активни борбени дејствија каде се покажале мошне добро. За волја на вистината, на просторот на Сирија немаше крупни тенковски битки кои со целосен капацитет би ги провериле основните тактички можности на ова борбено возило. Засега се знае дека стручњаците мошне внимателно ги анализираа сите негови борбени активности и дека идентификуваа проблеми, главно од козметичка природа, кои мошне лесно можат да се решат. Но, група критички расположени специјалисти смета дека овој експеримент е апсолутно недоволен за да може да се донесе валидна процена на неговиот борбен квалитет. Згора на тоа, развојните инженери на оклопни борбени средства сметаат дека сите задачи кои денес се поставуваат пред „Терминатор“ во мошне блиска иднина ќе може да ги решава тешкото борбено возило на пешадијата кое е замислено на база на перспективниот борбен тенк Т-14 „Армата“. Токму поради тоа премногу е рано да се набавуваат големи количества БМПТ. Накусо, потребна ни е уште една дополнителна проверка во врска со неговата вкупна експлоатација во оперативните единици, но и во воени услови, согласни се експертите.

Конкретно, во моментов се формулираат нови модели на тактика на оклопните единици од иднината кои ќе бидат унифицирани врз база на тешките гасенични платформи „Армата“. Се предлага да се напушти формацискиот концепт на моторизирани или тенковски чети, и премин на нови тактички модули кои ќе ги обединат борбените и логистичките средства. Во тој случај составот на најмалата оклопна тактичка единица-модул би се состоел од на пример 1-2 основни борбени тенка Т-14 „Армата“, 2-3 тешки борбени возила на пешадијата БМП Т-15, возила за огнена поддршка кои се опремени со боев модул на кој е интегриран топ со висока балистика со калибар од 57 милиметри, ударно борбено возило со боев модул на кој се наоѓа топ со калибар од 152 милиметри, командно возило и возила за материјално-техничко обезбедување. Според руските теоретичари на современата воена вештина, ваквата концепција ќе има мошне повисока борбена ефикасност во однос на стандардните модернизирани и тенковски состави, и што е најважно, ќе има изедначена мобилност и степен на заштита на борбеното поле.

Руското Министерство за одбрана оваа година го потпиша првиот договор за набавка на 18 „Терминатори“ за потребите на руската армија. Името „Терминатор“ ова возило го доби за поголема привлечност кога станува збор за потенцијалните купувачи, додека во домашните кругови е познато како објект 199 „Рамка“. Работата на овој концепт возило започна кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, додека самата идеја настана многу порано, кон средината на осумдесеттите години од минатиот век додека на големо траеја борбите во Авганистан.

Искуствата од локалните војни и вооружени конфликти ширум светот покажаа дека најголема опасност за оклопните борбени средства претставува рачниот противтенковски фрлач и ракетните системи со наведувачки ракети, особено кога битката се одвива на планинско подрачје или во урбани услови.

Врз основа на овие показатели, руската компанија „Уралвагозавод“ осмисли и разви средство кое е наменето да го расчисти патот за тенковите низ непријателската одбрана која е составена од огнени точки вооружени со РПГ и противтенковски ракетни системи. Според замислата на конструкторите, БМПТ има задача да оди во офанзива заедно со тенковите и да ја уништи секоја огнена положба која е опремена со средства за противтенковска борба.

„Терминатор“ е направен врз основа на борбениот тенк Т-90А. Од вооружувањето има два спарени автоматски топа со калибар од 30 милиметри чија максимална борбена моќ е околу 1.500 гранати во минута. Станува збор за топови со висока балистика 2А42 кои се развиени во осумдесеттите години од минатиот век. Овие топови ги произведуваше познатиот завод „Тулмаш“ од Тула. Топот испукува муниција со калибар од 30х165 милиметри, а балистичките карактеристики на гранатата обезбедуваа ефикасен дострел до 4.000 метри (пробојност од околу 50 милиметри хомоген челик под агол од 60 степени на оддалеченост од 1.000 метри). За овој топ се развиени два вида муниција со калибар од 30х165 милиметри, панцирни и фугасни, а борбените платформи кои ги користи како основно вооружување се оклопните борбени средства БМП-2, БМД-2, БМД-3, БТР-90 како и хеликоптерите Ка-50, Ка-52, Ми-28. Топовите се оспособени да дејствуваат во единечен и во рафален режим на оган. Покрај овие топови БМПТ-72 „Терминатор-2“ во своето вооружување има и еден ПКТМ со калибар од 7.62 милиметри. Кога станува збор за ракетното вооружување, БМПТ-72 „Терминатор-2“ во својот арсенал ги има исклучително интересните ракети од моделот 9М120 Атака. Станува збор за ракети кои главно се наменети за опремување на јуришни борбени хеликоптери, но и на копнени борбени средства кои се исклучиво наменети за противоклопна борба. Оваа ракета се одликува со исклучително висока брзина на летот, и според овој атрибут спаѓа во најбрзите ракети од овој тип на светот. За БМПТ-72 „Терминатор-2“ развиени се 2 типа од овие ракети, со кумулативна (9М120-1) и со термобарична боева глава (9М120-1Ф). Максималната оддалеченост на која ракетата се лансира е 6 километри, а на таа оддалеченост таа може да го пробие секој современ тенк чиј оклоп е зајакнат со динамичка заштита. Модифицираната верзија на оваа ракета, со тандем боева глава, имаат зголемен дострел кој сега достигнува цели 10 километри, а зголемена е и нејзината пробојност која изнесува 1.000+ милиметри хомогена челична плоча зајакната со покривна структура ДЗ. Тие се сместени во страничните лансери со капацитет од 4 ракети. На целта се наведуваат со помош на специјализираниот комплекс за наведување Б07С1 „Атака-Т“, кој работи во полуавтоматски режим на наведување (ласерски сноп). Тука се уште и два автоматски фрлачи на граната со калибар од 30 милиметри АГС-17Д („Пламја-Д“) со ефикасен дострел до 1.700 метри.

Терминатор-2, DEFEXPO 2014.

Првата земја што ги набави „Терминаторите“ е Казахстан која купи партија од десет вакви возила. Официјалното претставување на ова возило е одржано во мај 2018 година на големата воена парада по повод Денот на победата на Црвениот плоштад во Москва. Карактеристично е дека возачите на парадните „Терминатори“ беа механичари кои ги склопуваа овие оклопни борбени средства зашто за разлика од нив војската сè уште не е запознаена со овие возила (првите примероци на „Терминатор“ сè уште не се испорачани на руската армија).

„Министерството за одбрана донесе одлука за купување БМПТ, така што засега е во тек разгледување на моделот како овие возила ефикасно да се интегрираат со постоечките средства на оклопно-механизираните единици. Оваа интеграција нема да се одвива само низ класична обука, ами е потребно да се работи во реални борбени услови“, истакнува Виктор Мураховски. БМПТ за време на својот опит во Сирија релативно кратко учествуваше во борби што е недоволно за подлабока проценка на неговите можности. „Имаме мошне добро искуство уште од времето на СССР кога во прашање беше доведено воведувањето на нова оклопна техника во постоечките оклопно-механизирани единици. Ваквите тестови ВМПТ допрва треба да ги мине за да се направи темелна анализа и врз основа на неа да се донесат конкретни заклучоци“, пишува експертот.

Според мислењето на Мураховски, со оглед на тоа дека БМПТ е дизајниран да се соочи со непријателот во услови на оптичка видливост, би било пожелно за време на тестирањето на овие средства покрај боево гаѓање да се изврши проверка и со ласерски симулатор на огнот кој го користи условниот непријател за да се добие покомплетна слика на целокупната вежба. „За жал, ние денес не располагаме со таква технологија со оглед на тоа дека неопходната опрема треба да се набави од Германија. Во светлината на најновите глобални настани поврзани со санкциите, дојде до прекин на соработката со германската компанија која се занимава со работите од сферата на одбраната“, истакнува Мураховски.

Според него, поради овој недостаток Министерството за одбрана мора да се потпре на традиционалните модели за проверка кои во суштина не даваат многу податоци за борбената вредност на средствата. Од друга страна, ниту војната во Сирија не може да ги тестира сите потенцијални можности на ова возило што ни се потребни, зашто станува збор за судир со непријател кој на технички план сепак не ѝ е дораснат на руската армија.

Погледнете го видеото Испратени првите „Терминатори“ за руската војска.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња