Оружјето што го поседува само рускиот спецназ

Youtube
Во раните утрински часови под закрилата на ноќта, офанзивна група на рускиот спецназ влегува длабоко на непријателската територија кадешто мора да изврши тајна задача, а истовремено да остане незабележана. За вака специфични задачи покрај високото ниво на психофизичка подготовка и тактичката извежбаност, неопходно е и специјално вооружување кое се одликува со уникатни карактеристики. Вооружување кое не се прави во големи серии, но кое носи голема борбена моќ.

„Џебен“ митралез

Тулскиот автомат ПП-90М1 изгледа мошне необично пореди специфичната рамка со муниција која има цилиндричен облик и кој е поставен непосредно под цевката на оружјето на неговиот преден дел. Ваквото конструкторско решение ги намали габаритите на автоматот што е исклучително важно за време на негово скришно носење. Капацитетот на оваа рамка е навистина респектабилен и се состои од 64 куршуми со калибар 9х19 милиметри (вклучувајќи ја панцирната муниција 7Н21 и 7Н31). Автоматот поседува мошне високо темпо на испукување кое изнесува помеѓу 600 и 800 куршуми во минута. Ваквите карактеристики обезбедуваат голема густина на огнот на куси растојанија.

Автоматот ПП-90М1

ПП-90М1 може да дејствува поединечно и во рафален оган, а ефективната далечина на гаѓањето е до 100 метри. Благодарение на едноставноста во користењето, како и самите габарити на оружјето, ПП-90М1 ја совладува транзицијата од положба на скришно носење до позиција на отворање оган за помалку од една секунда. Телото на автоматот е речиси во целост направено од високоотпорна пластична маса, така што е мошне лесен. Неговата вкупна тежина не преминува 1.6 килограми (секако ако не се смета кога е наполнет со рамка во која се наоѓаат 64 куршуми).

Но, за време на експлоатацијата воочени се и бројни недостатоци на овој автомат, особено во поглед на сигурноста на неговата рамка, како и некомпатибилност на неговиот цилиндричен облик со стандардните модели на униформата на специјалците. Неконвенционалната конструкција на рамката оневозможува монтирање тактички додатоци на оружјето. Сето ова услови овој автомат сепак во мали количества да се усвои во вооружувањето на специјалните единици.

Рачна „Бура“

Хибридниот автомат и фрлач на гранати „Бурја“ претставува оригинално оружје за неутрализирање на леснооклопна борбена техника на непријателот и неговата жива сила. Ова оружје може да делува по непријателот со 30-милиметарски шрапнелно-разорни и со запалливи гранати на оддалеченост до 300 метри. Освен тоа, конструкцијата на фрлач на гранати предвидува и употреба на муниција со калибар 9х19 милиметри, вклучувајќи ја и муницијата со панцирно зрно.

„Бура е конструирана во седумдесеттите години од минатиот век за потребите на армискиот спецназ кој е специјализиран за диверзантски операции во длабоката позадина на непријателскиот фронт. Во случај на премин од фаза на таканаречена „студена“ војна во „врела“ војна, специјалните единици вооружени со ова интересно оружје имале задача да ги уништат командните позиции на непријателот, неговите складишта со муниција, радарско-набљудувачките елементи, ракетните системи и останатите клучни објекти во организација на непријателската одбрана. При изведување на овие задачи мошне е важно тоа да се изведува мошне брзо и по можност „нечујно“, така што токму во согласност со овие специфики советските конструктори го осмислиле и го направиле ова оружје. Значи, основната точка била значително намалување на неговата децибелажа и габаритот.

Благодарение на големата брзина на огнот, малата тежина и вкупната ергономија на оружјето, овој хибрид на автомат и фрлач на гранати е експресно примен во вооружувањето. Тој и до денешен ден останува во арсеналот на армискиот спецназ, но и на останатите специјални служби.

Алат за нуркање

Подводниот пиштол СПП-1 е конструиран во шеесеттите години од минатиот век за специјалните нуркачко-диверзантски единици во рамките на Воената морнарица. Класичната муниција е апсолутно бескорисна во подводни услови. Кога ќе се испука обичен куршум под вода тој не може да мине растојание поголемо од еден метар. Значи, за СП-1 било неопходно да се развие муниција на сосема поинакви принципи од класичниот куршум. За да се совлада големиот отпор на водата, инженерите морале да развијат муниција чие зрно има облик на долга игла. Ова зрно за време на напуштањето на цевката немало ротација како класичен куршум. Самиот негов облик како и недостатокот од ротација при движењето овозможило достигнување стабилни показатели на хидродинамичка стабилизација кои му овозможиле на куршумот да оствари смртоносна сила на определено растојание.

На длабочина од пет метри овој куршум има ефективен дострел до 17 метри, додека на длабочина од 20 метри ефикасно уништува противнички нуркач на оддалеченост до 11 метри. СПП-1 може да дејствува и во „суви“ услови каде може да неутрализира мета на оддалеченост од 20 метри. Во споредба со останатите обрасци на таканаречено „сувоземно“ оружје, карактеристиките на овој пиштол се мошне скромни, па затоа тој се користи само во нуркачките единици кои изведуваат диверзантски и противдиверзантски операции, ги обезбедува пристаништата со бродови и подморниците, изведува операции за набљудување во крајбрежните реони.

Убиствен „офанзивец“

Офанзивниот автомат АШ-12 од голем број оружја со слична намена се разликува по својата конструкција зашто е проектиран според шемата „Булпап“, но и по својот калибар од 12.7 милиметри кој во голема мера ги надмина своите аналози (овој автомат користи муниција со ист калибар како и тешките митралези и антиматеријалните снајперски пушки). Конкретно, АШ-12 користи муниција со 12.7х55 милиметри со неколку модели на куршум: лесен, тежок и панцирен.

Првата верзија на овој автомат во јавноста беше претставена во 2011 година. Автоматот е проектиран на барање на Федералната служба за безбедност која бараше офанзивно оружје со високо запирано дејство за време на неговата употреба во услови на блиска борба, во затворен и во ограничен простор.

Лесниот куршум е ефикасен на блиско растојание. Овој куршум брзо ја губи својата брзина поради неговата мала тежина и големината на калибарот, што ја намалува веројатноста за повредување на трети лица. Куршумот со потешко зрно е предвиден да се испукува од „придушената“ верзија на автоматот, додека панцирното зрно може ефикасно да се употреби и против леснооклопни цели.

Опасен „Гном“

Рачниот фрлач на гранати РГ-6 „Гном“ е конструиран на почетокот на деведесеттите години од минатиот век и буквално веднаш го мина тестирањето во реални борбени услови (Првата чеченска војна), каде според оценките на специјалистите има остварено одлични резултати.

На борците им беше неопходно поефикасно оружје од стандардните „потцевни“ фрлачи на гранати кои се монтираа на пушка, а кои не беа толку ефикасни во борбата против живата сила на непријателот кој се наоѓа во ровови. Оваа задача брилијантно ја завршија тулските конструктори.

Станува збор за рачен фрлач на гранати кој се состои од револвер-магацин во кој се наоѓаат шест гранати ВОГ-25 со калибар од 40 милиметри. Ваквата конструкција обезбеди високо темпо на оган кој изнесува и до 18 гранати во минута. Ваквите карактеристики овозможија ефикасно да се покрие мошне поголем простор каде се наоѓа непријателот, одошто во случајот со стандардните „потцевни“ фрлачи на гранати.

Прочитајте уште: „Тенкот-ракета“ не може да го запре ни најсуровата арктичка зима: Пали од прва на -50 степени

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња