„Тенкот-ракета“ не може да го запре ни најсуровата арктичка зима: Пали од прва на -50 степени

Модернизирана верзија на „млазниот“ тенк Т-80БВМ

Модернизирана верзија на „млазниот“ тенк Т-80БВМ

YouTube
Модернизираните „млазни“ тенкови Т-80БВМ значително ќе ги зголемат оперативните способности на руските арктички единици кои се наоѓаат на крајниот север на Русија. Овој тенк е идеален за ваквите услови затоа што користи погон кој е отпорен на ниски температури. Пакетот современа опрема БВМ со рекордните показатели на стартување и општата мобилност заедно ги надминуваат основните борбени тенкови каков што е Т-90А.

Оклопните единици на арктичката војска почна да се опремуваат со најновата модификација на тенкот Т-80БВМ, кој уште се нарекува и „млазен“ тенк. Вооружувањето на тенковските единици со оваа верзија на тенкот треба да заврши до крајот на оваа година. Според мислењето на експертите, Т-80БВМ претставува идеален тенк за суровите услови какви што има на Арктикот, а неговото појавување на овој терен значително ќе ја зголеми огнената моќ на руската армија.

Од Министерството за одбрана рекоа дека до крајот на 2018 година во целосен обем ќе заврши опремувањето на оклопните единици кои се наоѓаат во 80 посебна механизирана пешадиска бригада (ОМСБр), која е базирана во населениот пункт Печенка во Мурманската област. Во наредната етапа во целост ќе биде вооружена и 200 посебна механизирана пешадиска бригада.

Т-80БВМ е идеален за арктичките услови, затоа што неговиот погон – гасната турбина е значително поефикасна при палењето на тенкот. При температура на воздухот пониска од -40 степени, оперативна готовност на овие се достигнува за само две-три минути. За разлика од Т-80БВМ, тенковите од типот Т-72БМ3 и Т-90 имаат дизел мотори на кои во услови на силен мраз им требаат повеќе од 30-40 минути за да стартуваат. Покрај тоа, гасната турбина во однос на дизел моторот обезбедува далеку поголема стартност и општа мобилност.

Срцето на тенкот Т-80БВМ го прави гасната турбина која му дава сила до цели 1250 коњски сили. Се работи за мотори кои се помали според своите димензии од класичните дизел мотори, но затоа генерираат значително поголема сила. Според својата конструкција се блиски на хеликоптерските мотори. На предниот крај гасната турбина има компресор, а на задниот турбина, додека коморите за согорување се меѓу компресорот и турбината. Тоа е всушност ротирачка машина која ја придвижува енергијата на текот на гасот произведен со согорување на горивото. Накратко, атмосферскиот воздух се збива, загрева во коморите за согорување, потоа се декомпресира во турбината, каде благодарение на дополнителната енергија ослободена од согореното гориво ослободува навистина чудовишна енергија. Во воената терминологија може да се слушне меѓу офицерите и војниците како го нарекуваат овој тенк и како „млазен тенк“ или понекогаш „тенк-ракета“. Имено при стартувањето на овој мотор се слуша карактеристичен звук сличен  на звукот на воздухопловите. За разлика од тенковите со дизел мотор, при движењето на овие тенкови воопшто не се слуша карактеристичното „бревтање“, кое е инаку заштитен знак на тенковите.

Т-80 влезе во вооружувањето уште  во 70-те години на минатиот век. Претставува идеална конструкција на тенк која е отпорна на „забот на времето“. Интеграцијата на современиот пакет опрема (стандард БВМ) го претвора во исклучително ефикасна борбена машина која е одлична за Арктикот. Министерството за одбрана на РФ планира на овој стандард да подигне стотици основни борбени тенкови Т-80 кои во моментов се наоѓаат во армиската резерва (преку 3000 тенковиТ-80 се наоѓаат во резерва на руската војска).

Потполно е репарирана и унапредена погонската гаснотурбинска единица ГТД-1250, потоа комуникациската опрема на тенкот, модернизиран е СУВ-от (Системот за управување со огнот) со вградување на повеќеканалната нишанска справа „Сосна-У“ со термовизиска камера од втора генерација, ласерски мерач на далечина, посебен канал за наведување на проектилот кој се истрелува од топот и блокот со електроника за автоматско следење на зафатената цел. Овој комплекс е способен да открие и следи тешко забележливи цели во услови на намалена оптичка видливост, како на пример длабоко во ноќта или силен дожд проследен со грмотевици. Нишанџијата е должен само да ја „заклучи“ откриената цел со притискање на копчето, по што комплексот ги презема операциите за самостојно пресметување на сите параметри важни за прецизен истрел. Овој комплекс во голема мера ја зголемува огнената моќ на тенкот, неговата ефикасност и далечината на уништување на целта со стандардна тенковска муниција со калибар 125 мм.

Т-80БВМ е исто така опремен и со системот „Рефлекс“ кој овозможува истрелување на наведувани ракети 9М119/ 9М119-М од цевката на тенковскиот топ кон цели оддалечени над 4500 метри. Ракетата се наведува на целта со помош на ласерски сноп. Нејзината средна брзина при совладувањето на оваа дистанца достигнува околу 300 м/сек. Ја карактеризира спиралната траекторија на летот. Се состои од тандем-кумулативна боева глава со маса од 4,5 кг која може да пробие најмалку 800 мм тенковски оклоп заштитен со елементи на пасивна реактивна заштита.

Покрај модернизацијата на оклопната заштита со додавање на реактивен оклоп од типот „Реликт“ и противкумулативни екрани, се планира и вградување на системот за активна заштита „Арена-М“.

Модернизираната машина сериозно ја унапреди огнената моќ и оперативните способности на нашата војска во арктички услови, вели Сергеј Маев, началник на Главната команда на Министерството за одбрана која е специјализирана за оклопни борбени средства.

„Своевремено кога се појави Т-80 во вооружувањето, важеше за најдобар тенк на светот“, истакнува Маев. „Најновата модернизација на овој тенк на стандардот Т-80БВМ според својот квалитет е еднаква на тенкот Т-90. СУВ-от е значително унапреден и ја зголемува неговата огнена моќ на нивото кое е денес актуелно. Благодарение на својот погон кој се состои од агрегат со моќна сила, овој тенк според својата мобилност нема достоен ривал во нашите тенковски единици. Не е толку неважен фактот и што место дизел горива оваа машина ја придвижува лесен керозин кој нема проблеми со кристализацијата на парафинот на ниски температури. Ова гориво е значително поотпорно на нетипичните услови за експлоатација какви што има на север“, заклучува Маев.

Прочитајте повеќе: Тенкот кој ќе „избие на Ла Манш“ добива активна оклопна заштита и уште посилен мотор

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња