Тенк Т-80БВМ
Слободан ЃукиќВо воената терминологија може да се слушне меѓу офицерите и војниците дека овој тенк се нарекува уште и „млазен тенк“ или понекогаш „тенк-ракета“. Ова е од причина што ваквите тенкови како погонски агрегат користат гасна турбина која се употребува кај авионите и кај хеликоптерите, и која создава карактеристичен звук. Овој агрегат на тенкот му овозможува голема брзина и општа подвижност на боиштето која е значително поголема отколку кај тенковите со класични дизел-мотори.
Според експертите, благодарение на новите „млазни“ тенкови 4 тенковска дивизија ќе стане непремостлив челичен бедем на стратешки важните нападни правци кои од средна и источна Европа водат кон централна Русија. Благодарение на овие тенкови, нејзините оперативни и тактички единици ќе бидат мошне подвижни и флексибилни, брзо ќе поминуваат од фаза на одбрана во фаза на напад, со висок степен на способност за изведување обемни тенковски операции на територијата која по потреба се наоѓа и далеку надвор од границите на Русија.
Накусо, благодарение на својата сила, но и на славната воена традиција оваа дивизија е предодредена на непријателот кој ќе се дрзне да ја нападне Русија да му нанесе фатални удари од кои нема закрепнување. Да го гони до негова целосна капитулација.
Кантемировската дивизија денес
Моментално во составот на оваа дивизија се наоѓаат 2 гардиски тенковски полка кои се опремени со тенкови T-80У. Станува збор за тенкови кои во составот на овие полкови се наоѓаат уште од 1985 година. Значи станува збор за технички застарени борбени машини. Планирано е овие тенкови постепено да се повлечат од оперативна употреба и да се префрлат во резерва, така што ќе бидат заменети со најновата модернизација на славниот тенк Т-72 - T-72Б3. Но, од овој план се откажаа и беше донесена одлука овие баталјони да во целост да бидат опремени со тенковите T-80БВМ кои се наоѓаа во резерва.
За плановите на Министерството за одбрана на Русија да го модернизира тенковскиот пат со популарните „осумдесетки“ можеше да се чуе уште минатата година. Проектот за негова модернизација е направен во санктпетербуршкиот специјален конструкторски завод и ја носеше ознаката T-80БВМ.
Што подразбира стандардот T-80БВМ?
Пред сѐ беа неопходни радикални технички зафати за модернизациј на системот за управување со оган, кој се состои од интеграција на повеќеканални нишански справи „Сосна-У“ со термовизиска камера од втора генерација, ласерски далечински мерач, посебни канали за наведување ракети кои се испукуваат од топот и блок електроника за автоматско следење на зафатената цел. Овој комплекс е способен да открие и да следи тешко воочливи цели во услови како што се на пример длабока ноќ или силен дожд проследен со грмежи. Нишанџијата е само должен откриената цел да ја „заклучи“ со притискање копче од кадешто комплексот ја презема операцијата за самостојно пресметување на сите параметри кои се важни за прецизен удар. Покрај системите за управување со оган, сериозно е зајакната и оклопната заштита на тенкот со вградување пасивна динамичка заштита од 3 генерација „Реликт“ која е применета на тенковите Т-90АМ и БМП „Терминатор“. Оваа оклопна заштита во просек го зголемува еквивалентот на оклопот на тенкот за 250-280 милиметри во зависност од местото кадешто се вградува.
Срцето на тенкот T-80БВМ е составено од гасна турбина која му дава сила од цели 1.250 коњски сили. Станува збор за мотори кои се помали по своите димензии од класичните дизел-мотори, но кои затоа продуцираат значително поголема сила. На предниот крај, гасната турбина има компресор, а на задниот турбина, додека коморите за согорување се меѓу компресорот и турбината. Тоа всушност е ротациска машина која придвижува енергија на тек на гас произведен од согорување на гориво. Накусо, атмосферскиот воздух се збива, се загрева во коморите за согорување, потоа се декомпримира во турбината, каде благодарение на дополнителната енергија ослободена од изгореното гориво ослободува навистина чудовиштна енергија.
Благодарение на ваквите карактеристики гасната турбина е способна тенк кој е тежок 40 и повеќе тони за само неколку секунди да го доведе до брзина од речиси 80 километри на час!
Но, ваков ѕвер од мотор троши и неспоредливо повеќе гориво од дизел-агрегатот што во зависност од начинот на возење и од теренските услови може да ја зголеми потрошувачката за дури 2-3 пати во однос на тенковите со класични мотори. Исто така, благодарение на огромниот обртен момент дискутабилна е и неговата отпорност на абење, како и честото расипување во тешки услови на експлоатација, особено кога станува збор за песок (пустински терен).
Сѐ на сѐ заклучокот е следниов. Сметам дека руското Министерство за одбрана правилно постапи кога се откажа од опремувањето на Кантемировската дивизија со тенкови T-72Б3. Да нема забуна, Т-72Б3 е исто така врвен тенк и од T-80БВМ речиси ништо не го разликува кога станува збор за системот за управување со оган, за вкупната огнена моќ, комуникациските системи и останатите електронски потсистеми и слично. Но, главната разлика помеѓу овие два тенка е во нивната сурова сила, односно погонскиот агрегат. Токму оваа карактеристика е од исклучително значење особено на теренот кој го карактеризира Европа. Густа мрежа асфалтирани комуникации, мала оддалеченост помеѓу градовите, рамничарски релјеф – едноставно му даваат предност на тенкот T-80БВМ во однос на Т-72Б3. Тој е побрз, поподвижен, повеќе се врти. Тој е како создаден да го прегази секој евентуален напаѓач. Орудие за „молскавична војна“!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче