Тенкот кој ќе „избие на Ла Манш“ добива активна оклопна заштита и уште посилен мотор

Основниот борбен тенк Т-80БВМ

Основниот борбен тенк Т-80БВМ

YouTube
Кај Американците и нивните европски сојузници самото споменување на овие тенкови предизвикува состојба на зголемена раздразнетост, која е последица од акумулираниот страв систематски собиран во текот на неколкуте децении од времето на Студената војна.

Проектот за радикална модернизација на основниот борбен тенк Т-80БВ наиде на негативна реакција кај воените експерти на САД и генерално на врвот на НАТО. Имено, кај Американците и нивните европски сојузници самото споменување на овие тенкови предизвикува состојба на зголемена раздразнетост, која е последица од акумулираниот страв систематски собиран во текот на неколкуте децении од времето на Студената војна. Имено, овие тенкови во западните воени кругови долго време се сметани за ударната тупаница на Црвената армија*, која за неколку дена може да ја заземе практично цела Европа и избие на каналот Ла Манш. Токму поради тоа, овие тенкови го добија прекарот „тенковите на Ла Манш“.

Пакетот најнова модернизација ја носи ознаката Т-80БВМ, а неговиот приказ ѝ беше презентиран на пошироката јавност минатата година на Денот на тенкистот, како и во текот на големата воена вежба „Запад-2017“ што се одржа во Република Белорусија.

Какви новини донесе овој пакет во однос на стандардната верзија на тенкот Т-80БВ?

Унапредување на системот за управување со огнот

Првично, предвидени се неопходни технички зафати на модернизацијата на системот за управување со огнот, кој се состои од интеграција на повеќеканалната нишанска справа „Сосна-У“* со термовизиска камера од втора генерација, ласерски мерач на далечина, посебен канал за наведување на проектилот кој се истрелува од топот и блокот со електроника за автоматско следење на зафатената цел. Овој комплекс е способен да открие и следи тешко забележливи цели во услови на намалена оптичка видливост, како на пример длабоко во ноќта или силен дожд проследен со грмотевици. Нишанџијата е должен само да ја „заклучи“ откриената цел со притискање на копчето, по што комплексот ги презема операциите за самостојно пресметување на сите параметри важни за прецизен истрел.

Сериозно унапредување на нивото на оклопна заштита

Покрај системот за управување со огнот, сериозно е зајакната и оклопната заштита на тенкот со вградување на пасивната динамичка заштита од трета генерација „Реликт“. Реактивните плочи ќе бидат интегрирани на основниот тенковски оклоп на фронталната проекција на тенкот, неговите бочни страници и на тенковската купола. Оваа оклопна заштита во просек го зголемува еквивалентот на оклопот на тенкот за 250-280 мм во зависност од местото каде што се вградува. Покрај пасивната и судејќи според сѐ активна заштита, на длабоко модернизираната верзија ОБТ Т-80БВМ ќе бидат вградени и противкумулативни решетки кои првенствено ќе го зајакнат отсекот каде што се наоѓа моторот, како из задниот дел на тенковската купола. Овие интервенции, кои значително ќе го зголемат нивото на оклопна заштита на тенкот, и со самото тоа и неговата борбена жилавост на фронтот, нема да имаат влијание на неговите габарити кои ќе останат во стандардните граници. Она што дефинитивно ќе се промени во однос на претходните верзии на овој тенк е зголемувањето на неговата вкупна маса која ќе достигне 46 тони.

Тенкот Т-80 за време на демонстрирањето на современо и перспективно вооружување на Меѓународниот военотехнички форум „Армија-2017“ во Московската област.

Поголемата сила на моторот ги отстранува проблемите поврзани со зголемената маса на тенкот

Меѓутоа, Русите и за ваквото сценарио најдоа оптимално решение така што интегрираа мотор со поголема сила, кој на тенкот ќе му обезбеди иста мобилност како и претходно. Имено, срцето на тенкот Т-80БВМ го сочинува гасна турбина ГТД-1250ТФ која му дава сила од цели 1250 коњски сили. Се работи за мотори кои се помали по своите димензии од класичните дизел мотори, но кои генерираат значително поголема сила. На предниот крај гасната турбина има компресор, а на задниот турбина, додека коморите за согорување се меѓу компресорот и турбината. Тоа е всушност ротациона машина која ја придвижува енергијата од текот на гасот произведен со согорување на горивото. Накратко, атмосферскиот воздух се збива, се загрева во коморите за согорување, потоа се декомпресира во турбината, каде благодарение на дополнителната енергија ослободена од согореното гориво ослободува навистина чудовишна енергија.

Покомплетна фаза на унапредување на првичната верзија на пакетот Т-80БВМ

Како што кажавме погоре, за овој тенк се предвидува и вградување на систем на активна заштита која дополнително би ја зголемил оклопната заштита на овој тенк. Се работи за системот „Арена“, кој има функција со употреба на сопствениот радар да ја открие целта што наидува, компјутерски да ја обработи неговата траекторија и на оптимално растојание да го пресретне и физички да го уништи. За пресретнување и уништување на целта комплексот „Арена“ користи специјална заштитна муниција распоредена во посебни спремници кои се наоѓаат на куполата на тенкот. Овој комплекс е ефикасен против сите надоаѓачки цели кои летат со брзина до 700 м/сек.

Меѓутоа, врз основа на богатото искуство добиено на воените жаришта на Сирија, руските конструктори кои работат во рамките на научноконструкторското одделение на корпорацијата „Конструкторско биро за машиноградба“ од Тула и „Уралвагонзавод“, го почнаа развојот на модернизацијата на овој систем кој во својата базична варијанта беше наменет за опремување на модернизираните верзии на тенкот Т-80. Новиот систем е означен како „Арена-М“*, а овојпат е оспособен, покрај фамилијата тенкови Т-80, да се интегрира и на корпусот тенкови развиени врз база на моделите Т-72 и Т-90. Покрај тоа, се смета дека ефикасноста на овој систем во однос на изворната верзија е значително зголемена, така што со протвтенковски средства, како на пр. TOW, практично е невозможно да се совлада. Дополнително, сериозни извори од руската војска велат дека се работи за целосно нов систем за активна заштита кој со претходниот нема некаква голема врска, освен што работи на сличен принцип.

Покрај новиот/модернизираниот систем на активна заштита, руските конструктори планираат понатамошно зголемување на силата на основниот погонски мотор кој би требало да достигне сила од минимум 1400 коњски сили. Се разгледува и монтирањето на новата верзија на тешкиот митралез „Корд“ со калибар 12,7 мм, кој би го заменил досегашниот 6П17 НСВТ.

* Повеќе од 4000 тенкови од овој тип беа лоцирани на западната  граница на Советскиот Сојуз, во Источна Германија и Источна Европа.

* Примена на овој систем има и кај длабоко модернизираната верзија на тенкот Т-72Б3

* Цената на еден комплекс за активна заштита „Арена-М“ со вградување во тенкот се проценува на околу 300000 американски долари.

Прочитајте повеќе: На вежбите „Запад 2017“ забележани „млазни тенкови“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња