Грми на полигонот под Урал: Погледнете го тестирањето на новото оклопно возило БМП-3 „Деривација“

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
На полигонот на руската компанија „Уралвагнзавод“ почнаа практичните испитувања на најновото оклопно борбено средство од кое во перспектива се очекува многу. Се работи за длабоко модернизираната верзија на БМП-3 кој на себе има роботизирана купола вооружена со моќниот автоматски топ А-220М калибар 57 мм. Покрај неспоредливо поголемата огнена моќ во однос на стандардните топови, овој топ ќе има на располагање „паметна муниција“, како и унапредени СУВ со елементи на „вештачка“ интелигенција.

Руската компанија „Уралвагонзавод“ прикажа видеоматеријал на кој се гледа испитувањето на најновото борбено оклопно возило вооружено со автоматски топ со калибар 57 мм. Ова возило всушност претставува длабока модернизација на руското БМП-3 (возилото како шасија го користи движниот механизам на овој оклопник) и ја носи ознаката „Деривација“.

Топовите со висока балистика со калибар 57 мм се нешто потполно ново и тоа не само во руски, туку и во глобални размери. Конкретно, се работи за топот „А-220М“ калибар 57 мм, кој е дел од роботизираната купола кои во комплет ги произведува познатото руско биро „ЦНИИ Буревесник“. Овој топ е неспоредливо посилен од стандардните топови со калибар 30 мм, какви што се на пример 2А42 и 2А72, како по ефективниот дострел така и по учинокот на огнот врз целта. Така, на пример, поткалибарна граната калибар 57×348 мм SR истрелана од овој топ ќе може лесно да „прострела“ и најтешки оклопни борбени возила на пешадијата, каков што е, на пример, германското Schützenpanzer Puma. Претпоставките се дека новата муниција на далечини поголеми од  1500 метри ќе има способност да пробие панцирна плоча со дебелина и до 150мм.

Русите со овој топ имаат многу големи очекувања. Воено-производствениот комплекс има намера за нив да развие „паметна“ муниција од различни типови. Оваа муниција драстично ќе ја зголеми ефикасноста при гаѓањето на копнените, но и на воздушните цели. Таа ќе биде компатибилна со новата електронска конфигурација т.е. системот за управување со огнот. Новиот СУВ ќе има интелектуална способност да ја препознае зафатената цел и самостојно да го избере типот на гранатата со која истата ќе биде пресретната-уништена.

Прочитајте повеќе: „Уралвагонзавод“ разви уште посовршен пакет за тенкот Т-72 кој ја носи ознаката Т-72Б4