Секретарот на Военото воздухопловство на САД Хетер Вилсон изјави пред американските сенатори дека руските и кинеските ракети од класата „земја-воздух“ ги одликува многу голем дострел, што во случај на воен конфликт со овие земји би можело сериозно да ги загрози авионите од клучно значење за изведување на најсложени воздушно-копнени операции, какви се сигурно специјалните летала за борбено управување и наведување, попознати како JSTARS. Дотолку повеќе, според зборовите на г-ѓа Вилсон, овие авиони уште првиот ден би биле соборени од руските и кинеските средства за ПВО! Како што пренесува интернет медиумот Air Force Times, Вилсон им го пренела ова на членовите на поткомитетот на Сенатот на САД задолжен за издвојување на буџетски средства за потребите на одбраната.
„Руската и кинеската војска во својот арсенал имаат ПА ракети од класата „земја-воздух“ кои се одликуваат со голем дострел. Тоа уште првиот ден би можело да ги загрози нашите авиони JSTARS“, загрижено истакна г-ѓа Вилсон.
Во врска со тоа, како што пренесува Air Force Times, сенаторите и воените специјалисти во рамките на фискалниот буџет за 2019 година ќе се обидат да најдат алтернативно решение кое ќе го замени продолжението на производството на овие авиони.
Joint Surveillance Target Attack Radar System (JSTARS) претставува софистициран воздухопловен комплекс наменет радарски да ја покрие стратешката длабочина на непријателската територија, особено кога е во прашање распознавање и класификација на копнени борбени цели (откривање на главните позиции на непријателот во системот на неговата одбрана, командните места, радиорелејните пунктови, оклопно-механизираните единици, артилериско-ракетните единици, единиците за ПВО и сл.) во секое време на денот без оглед на временските услови, каде истовремено се обработуваат примените податоци и во реално време се пренесуваат до останатите единици (првенствено до ловечко-бомбардерските ескадрили) кои вршат нивно неутрализирање. На овој начин еден JSTARS може да управува со голем број употребени сили од различните видови на Вооружените сили на САД кои се непосредно ангажирани во операцијата.
Како квалитативна алтернатива за воздухопловите за борбено управување и наведување JSTARS, сенаторите со воени специјалисти ја предлагаат програмата Advanced Battle Management System, која всушност претставува следна генерација воздухопловни системи за рано предупредување и командување со широк спектар перспективни системи базирани на копно, море, воздух и во вселената.
Меѓутоа, основниот проблем според Вилсон претставува ограничувањето на достапните финансиски средства предложени во првичниот нацрт-буџет. Имено, бидејќи се работи за програма која подразбира набавка на електронска опрема со највисок можен квалитет, секоја од овие програми ќе ги чини „ѓавол и пол“ даночните обврзници на оваа земја. Проценетите трошоци кои би подразбирале програма за модернизација на авиокомпонентата JSTARS, или програма за вложување во развој на потполно нови технологии за воздушно набљудување и командување, нема да оди под 7 милијарди американски долари.